Летен зеленчуков ручек

Еве еден прекрасен летен оброк на рингла, со сите зеленчуци.
Сите витамини се овде, сите вкусови сочувани, за мерак.

Ако имате сецко некое, уште побрзо ќе биде, а јас сум од тие кои имаат, ама никако да користат. И секогаш велам, ај следниот пат. Толку ретко користам, да се прашувам, зошто воопшто ги имам. Но чинам тоа е пракса на генерациите од 50- тите години на минатиот век 🙂

Најважно за овој ручек е зеленчуците да ги ставате на пржење по редослед според времето кое им е потребно да се испржат.

 

Состојки

  • 1 главица кромид
  • 1-2 компири
  • 1 морков
  • малку боранија
  • неколку бамји
  • малку карфиол
  • 1 пиперка
  • 1 тиквица
  • 2 чешниња лук
  • 2 големи домати
  • маслиново масло
  • сол, сув зачин, оригано, босилек, магданос

Постапка

  1. Се сецкаат сите зеленчуци, добро измиени.
  2. Ставете ги да се пржат според редоследот на состојките погоре, прво кромидот, па кога ќе се испржи, додадете го компирот на мали парченца и пржете околу 5 минути, па додадете го морковот, боранијата и бамјите, пржете на нешто посилна од средна температура, седмица, и секако промешувајте.
  3. По 5 минути, додадете карфиол и пиперка, па после неколку минутки, тиквица и лукчето.
  4. Додадете ги на крај доматите на коцки, треба да бидат многу сочни, ако не се, додадете сос од домати.
  5. Откако ќе се испржат малку доматите, додадете половина чаша вода, додавајте по малку, не одеднаш, промешајте, па ставете ги зачините, измешајте и поклопете, нека се пржат кратко, поклопени, сите вкусови од зачините да се сочуваат, да се соединат…
  6. На крај се додава магданосот.

Освежителна, летна манџичка, со богати вкусови.
На овој начин, ќе бидат добро испржени сите зеленчуци, а не некои премногу, други недоволно.Редоследот може не ми е баш прецизен, но во основа е така.

Пријатно!

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар