За новитетите, односно за она што го правам прв пат, ќе речам искрено, ме прати почетничка среќа што велат, помешана со натежнатото искуство.
Има само едно слатко од кое не бев задоволна, а тоа е слаткото од сливи, та дури правев од жолти сливи, да компензирам 🙂
Имено, овде стасува роба која е речиси зелена, за да не скапе при транспортот, многу работи се баш зелени. Сливите, или се зелени уште, или презреани, меки, кашасти, а за слатко треба тврди сливи. Е тврди, ама тврдите се зелени, кога ќе им се отстрани лушпата, зелена боја имаат, ни сода бикарбона помага, ни лимон помага, ни ништо… Такви се, нема спас…
Е ама нели во кујната има малемате 🙂 , со искуството повеќе ќе ги имаш, ќе ти текнува што да направиш…
И така решив да направам слатко од зрели сливи, од меките, нема друго, па што ќе биде, нека биде, ќе внимавам да не се распаднат 🙂
Рецептот не го сменив, ниту имам време да барам некој друг, како знам така, но променив некои работи, малемате користев 🙂
Прво ставив повеќе сода бикарбона, ги чував во неа подолго, околу час и половина, па станаа потврди.
Второ, ги ставив подоцна во шербетот, а оние кои ми се видоа помеки, ги вадев настрана, готови беа, а после ги заливав со шербет.
Го добив приближно она што го сакам за изглед од најубавото слатко на вкус!
Прво се носев со идеата да ги сменам сите слики, но не, нека стојат, за пример, дека многу е битен материјалот со кој располагаме и дека мора сами да го прилагодуваме рецептот на условите и материјалите што ги имаме.
Овој пат сливите зашто беа презреани, под лушпата имаа црвеникава, односно жолтоцрвеникава боја, како што треба, а не зелена.
Некои слатка бараат умешност на варењето, но ова си бара само зрели, а тврди сливи, кои овде не стасуваат во продавниците, но ете, му го најдов крајот, ами како 🙂 Секако многу е важно светлото што го имаме при сликање, мене ми е далеку од професионално или потребно, и зависи од многу фактори…
Рецепт за слаткото имате овде, секако читајте ги и промените кои ги направив.
Пријатно!