Не е многу здраво можеби, но комбинацијата ориз и компир многу ја сакаме зашто вкусот е преубав. Подготвувам задушен ориз и печен компир, може и мевце, но еве и вака, иако поретко, а зависи од времето што го имам и зафатеноста на шпоретот.
За вкусно, гарантирам 🙂
Состојки
- 1 филџан ориз/3 вода
- 4 компири
- 1 морков
- 1 пиперка
- зејтин
- суви пиперки
- магданос
- сол, црн пипер, буковец, босилек, сув зачин
Постапка
- Најпрво компирите се сечат на подебели тркалца.
- Голема тава од рерна со зејтин, се става да се загрее на горната решетка од рерната.
- Кога ќе се загрее зејтинот, се вади тавата и се ставаат посолените компири, може и црвена пиперка, лукче…Се пече на 220 степени.
- На рингла се пржи морковче и пиперка ситно сецкани, па се додава измиениот ориз. Се пржи убаво, се додаваат зачини на крај. Се префрла во округло тавче, се додава врела вода, суви пиперки и се става на печење, а компирот се вади од рерната на кратко.
- По десетина минути, кога водата е малку испарена се додава компирот одозгора и се допекува.
Може заедно да го ставите компирот и оризот, поедноставно е, нели, но сепак оризот ќе е побрзо готов, а компирот ако е во водата потопен, му треба подолго време. Затоа така правам, но да се внимава компирот да остане сочен.
Па со суви пиперки колку е убав вкусот, немам зборови. Е да, можете да си ставите кромид, секако, не бива без тоа, но јас со оризот одамна го избегнувам, не ми оди 🙂 🙁
Може да биде прилог со месо, риба, но и главно, посно јадење.
Пријатно!