Агнесата има многу имиња, прекрстувана е многу низ годините, а и по малку менувана.
Често се среќава како месечинки, или само до жолтиот фил, со поинакви имиња, не ги знам сите…
Оригиналниот рецепт е многу стар и треба да ги има трите делови, тесто, жолт фил, па чоколаден фил и посипано ореви.
Ете и јас пробав да ја изменам малку, правам и со бадеми, но во оригиналот се ореви.
Агнесата ја знам како Кралица на ситните колачиња, и чиста вистина е, според вкусот, неспоредлива е! Совршен вкус! Да, тоа е совршенство од вкус за ситните колачи.
Е знаете кога некогаш малерот се лепи за нешто, па да се здробиш од чудење, е така за Агнесата, никако да имам убави фотографии, никако! Или се многу далеку, или се едноставно ситни, или со сенки, никако убаво светло на нив, или не сум можела да ги сликам воопшто, зашто секогаш е страшна гужва со повеќе колачи, па нема можност за некој декор, или најлошите парчиња сум ги штракнала… Тоа е, што е, здравје, и друг пат ќе има 🙂
Состојки
прв дел
- 200 гр шеќер
- 200 гр путер
- 200 гр брашно
- 200 гр мелени ореви
- кора од лимон
- 4 белки
втор дел
- 4 жолчки
- 200 гр шеќер во прав
- 2 ванили
- кора од лимон
трет дел
- 1/2 филџан млеко
- 200 гр шеќер
- 3 ребра чоколадо за готвење
- 200 гр мелени ореви
- ванила
- 100 гр путер
- малку сок и кора од портокал
- мелени ореви за посипување
Постапка
- Путерот се мати со шеќерот.
- Се додаваат брашното со оревите и кора од лимон.
- На крај се додаваат изматените белки.
- Се меша со рака и се става во подмачкан плех да се пече на 180 степени.
- Се матат жолчките со шеќерот во прав, се додаваат ванилите и кора од лимон.
- Жолчките се премачкуваат врз првиот дел кога ќе се испече, плехот се враќа во рерна и се сушат на исклучена рерна или на ниска температура.
- И сега третиот дел, млекото зоврива со шеќерот, се трга од рингла, се додаваат оревите, чоколадото, ванилата, путерот, кора и сок од портокал. Се меша и се премачкува врз жолчките кога ќе се исушат.
- Се посипуваат мелени ореви.
- Треба да одстои, па да се сечат штанглици.
Наместо ореви може да се стават бадеми. Може да се користи маргарин наместо путер.
Кралицата ја правам за празници, тоа ни е семејна традиција, заедно со бајадерата, бомбиците, салама, триаголник, пирамида, рум штанглици, кокосовки…
Првата година кога дојдов во Швајцарија, видов повик за учество со традиционални рецепти, за прославата на Денот на независноста, 8 септември, повик од Амбасадата во Берн. Ми се виде преубава идеја, беше речено кој сака да направи некој специјалитет. Некој специјалитет, еден ко ниеден, се засукав неколку денови, неколку ноќи неспиени, од радост, можев и цела недела да не спијам 🙂
Беше навистина една прекрасна вечер. Вечер за паметење, кога далеку од дома, достојно ја претставуваш својата татковина. Амбасадорот имаше пригоден говор, а ние со презентацијата на наши специјалитети, се чувствуваме горди што сме дел од празнувањето.
Бевме во некој хотел во Берн… Моите послужавници беа прераспределени на убаво декорираната маса, штета што не сликавме повеќе, на Мишел му беше срам, а јас и онака се љуљав од неспиеност и радост, па уште да сликам…Дома ги сликнавме, ама не сите, само нешто…
И така, среќавајќи се со наши луѓе, покрај дипломатите, ми пријде еден нашинец, Струмичанец бил…Се смее и почна да ми раскажува : “Гледам богата трпеза и си велам, овој хотел одлично спремал, чекај да си каснам…Пробувам од пинџурот и си велам, аууу како го погодиле, како нашиот оригинал, мора некој да дал рецепт… Пробувам колачи…Абе како може бомбиците на мајка ми, бајадерата и другите колачи, исти како на мајка ми? Е како оваа работа, од кај, накај, хотелот во Берн, исти струмички колачи направил? И така почнав да се распрашувам што е работава, кога ме донесоа до тебе! Велат, еве ја Струмичанката која ги направи колачите и пинџурот, и други специјалитети…”
Едно топло на душата, една милина, ете така е во туѓина кога традицијата се негува, кога ти значи, кога не се срамиш од своето…Напротив, достојно е да се покажеме и со тој дел, зашто храната е и уметност, посебна уметност и умешност. Креација е, ако сакаш… Што да речам за дипломатите? “Скромно” ќе речам, досега никој не останал рамнодушен, никој 🙂 Кој пробал, знае 🙂 Ељем пинџурот, онака љут, ама љут ли беше 🙂
Преубави спомени…
Кога би требало да одберам ореви или бадеми, сепак ореви, оригинал си е оригинал 🙂
Морам да напоменам дека ниту сум подготвувала кетеринг, ниту умеам нешто во тој правец, ниту знам да украсувам, ниту умеам да организирам… Сепак тоа е навистина нешто посебно, за што не сум подготвена со ништо, ни знаење, ни помагала… Едноставно, повремено, моите омилени рецепти, ги поставувам наједноставно на послужавниците, за да стасаат онаму каде се наменети, со љубов 🙂
Пријатно!
[gallery_one id=”11824″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]