Вкусна, лесна баница

баница
баница

Читам по групите за готвење, многу млади велат: “не знам да сукам, да месам, не знам да тегнам”.
Многумина од мојата генерација не знаевме ништо од тоа, па по нешто научивме, и тоа без интернетот кој сега на сите ни овозможува “професор/мајстор, дома”.

Би сакала и јас да ви помогнам со еден многу лесен рецепт, ама ептен лесен 🙂
Нема потреба да знаете да месите и сукате, доволно е да имате голема желба, ништо повеќе.
Ве охрабрувам да ја направите баницата, намерно не ја токмев, намерно не правев ништо посебно од украсување како витки или детали, за да се посветите на вкусот и тестото внатре.
Одиме 🙂

Состојки

  • 700-800 гр брашно
  • 1 квасец или 2 суви
  • 1 лажиче шеќер
  • 2 лажици зејтин
  • 1 лажица сол
  • малку млака вода за квасецот
  • 350 -400 мл млака вода
  • 100 гр маргарин или путер на собна температура, за премачување на коричките

Фил

  • 300 гр урда
  • 1 црвена пиперка
  • зачини по желба, буковец, триена сол
  • рендан маргарин или путер од фрижидер
  • ким
  • 1 јајце

 

Постапка

  1. Квасецот нека стаса со лажиче шеќер и малку млака вода.
  2. Подгответе го филот, пиперката се сецка на коцки, па се меша со урдата, додадете сол ако треба, но и други зачини. Можете сирење место урда.
  3. Сега просеано брашно ставете во длабок сад за месење, додадете сол и зејтин, отворете кладенче на средина за квасецот. Важно е да си измерите брашно малку повеќе од дозата, ама да не го ставите цело во ванглата, туку да оставите, па ќе видите како ќе ви се покаже.
  4. Се додава стасаниот квасец и млаката вода, се замесува меко тесто.
  5. Се префрла на работна маса, се измесува некоја минутка, и се дели на 6 делчиња.
  6. Делчињата не стасуваат, веднаш се работат, само покријте ги да не се сушат.
  7. Маргаринот се сече на 5 делови. Парчето тесто се притиска со прсти врз побрашнета површина, па се расукува мал круг колку една чинија и се премачкува со маргарин.
  8. Потоа истото се прави со сите делчиња, се редат едно врз друго, само на шестото не се става маргарин за да може да се сука потоа.
  9. Шесте корички една врз друга формираат круг кој се сече на два дела, но едниот да е поголем малку како за долна кора.
  10. Поголемиот дел од коричките се расукува во една кора, треба да е поголема од тавата за печење, краевите да висат малку. Се става на намастениот плех.
  11. Врз таа долна кора се става филот. Краевите едноставно се подвиткуваат врз филот.
  12. Сега се расукува помалиот дел и кората се префрла во тавата. Значи двете кори, долна и горна,  не треба да бидат ептен тенки, сукањето направете го најобично, а при префрлањето, набрчкајте ја малку кората.
  13. Посипете ким одозгора и покријте со кујнска салфета, нека стаса баницата.
  14. Потоа изрендајте маргарин одозгора и полијте го изматеното јајце.
  15. Печете на 220 степени околу половина час, ивиците треба да се одвоени од тавата.

Оваа баница не захтева никакво знаење за сукање, освен малку осет за добро тесто кога се замесува. Секое брашно прима различно вода, затоа почнете со 700 гр брашно и 350 мл вода, а ако треба додадете малку брашно, за да не се лепи.
Без многу знаење и искуство, баницата ќе ве изненади со преубавиот вкус. Внатре е како памук, прав памук, а однадвор има миризлива, крцкава коричка. Преубава е и другиот ден, ако остане, а може и да се смрзнува. Филот може да биде и поинаков.
Кога е готова, покријте ја со кујнска салфета. Не е пожелно да се сече топла, подобро е да се олади целосно, а и подобро е да се крши со раце. Доколку сакате посна, направете ја со маргарин, посен фил и без јајце одозгора, преубава е исто така.

Се надевам малку ќе помогнам да се охрабрат помладите, а одлична е и за нас постарите кога немаме време, а сакаме сукано 🙂  Баницата може да ја сервирате со кисело млеко, јогурт, но и ајвар, пинџур, летна манџа…Вистинско уживање е 🙂
Пријатно!

 

баница

 

баница

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

баница

 

баница

 

 

 

 

 

 

 

 

баница

баница

 

 

 

 

 

 

 

баница

 

баница

 

 

 

 

 

 

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар