Sarlii

Sarlii
Sarlii

Tokmu taka, Sarlii, taka se vika vrtenata baklava koja se pravi za Badnik vo Strumica.

Upotrebata na množina za da se izrazi ednina e tipična za strumičkiot govor. Pa taka ova ne znači množina od imenkata, tuku e baš ednina, ednakvo na sarlija. Ako pobarame edno parče, isto velime sarlii.
Vo okolinata na Strumica se veli sarlija, popravilno se koristi, no taka ostanalo kaj nas…

Veke imam objaveno tekst i recept za sarliita, ( koga se členuva se koristi ednina), ke go postavam, vo nedostatok na vreme…
Sarliita mnogumina mi ja baraat, pa eve da pomognam da se napravi ovaa ubava i tradicionalna naša baklava.

 

Оваа типично струмичка баклава се правела само за Бадник, како посна, полиена со зејтин, не со растопено масло. Имала посебно место и значење на бадниковата трпеза. Со запалена свеќа на средината, најстариот во семејството најчесто од страна на таткото, заедно со сите други, посебно децата, излегувале на вратата и го канеле Дедо Божик…

„Ела дедо Божик да вечераме” се повторувало три пати!

Уште памтам како баба ми и дедо ми го правеа тоа, а јас и брат ми чекавме дедо Божик да се појави од некаде. Потоа секогаш ни објаснуваа дека тој ќе дојде кога ние ќе вечераме, ќе си легнеме, но на масата ќе оставиме „од сé по нешто” за него, за дедо Боже, за да ни ја благослови Новата година…

За Бадник, Струмица има особености кои не се прават во другите краишта.

Сарлиита вообичаено се правела дома, не на фурна, зашто била помала од онаа другата баклава, веројатно во духот на скромноста на Бадниковата вечера… Шпоретот на дрва ги знае и чува сите кулинарски тајни, кога во исто време на него се печело, се пржело, се варело, на многу тивко оганче кое ги греело и домаќинствата и душите.

Традицијата во многу семејства е сочувана до ден денес…

Се прави зерде, а тоа е посен сутлијаш, односно ориз со вода, потоа ушав/компот од суви црни сливи претежно со јаболка и суви смокви. Рибата секое семејство ја подготвува на свој начин, пржена или тава, риба на кромид или лук и домати.

Скромната, а „пребогата од сé по нешто”, како обавезната риба, лепчето со паричка, фасуљче, сарма со урее/ореви, баница, костене, миндале, портокале…ја прават струмичката бадникова трпеза преубава.

И сарлиита, како и баклавата, колку и да важат строги правила, секој си ја вртел по свое, и дози и начин на подготовка. Оној познат наш израз „да се сипа” типичен за струмичката убава и погодена баклава, сепак е работа на вкус.

Порано баклавите се поливале со погуст шербет за да траат повеќе, па знаеле и да захаросат на ладното, одунат (во другата соба), каде се оставале. Захаросувале оти немало лимони, а мојата баба Зонка им носела на сите блиски, сакала баклавите и ним да им бидат убави, зашто дворот ни бил еден од ретките со многу лимони, горе во Варош маало.

Требало знаење и умеење не само да се направи, туку и да се сочува убавата баклава или сарлиита, подолго време…

 

Еве како денес можете да направите преубава сарлии, струмичка, можете да си сукате или со готови кори, по избор:

Состојки:

  • 500гр.кори,
  • 300 гр. гриз,
  • 350 гр. и повеќе ореви,
  • 1 ванила,
  • 1 стругана кора лимон,
  • 125 гр. маргарин,
  • 100 мл. зејтин,
  • сакс-мастик неколку зрна.

За шербет:

  • 1 кг. шеќер
  • лимонов сок по вкус
  • 1 ванила

Постапка

Најпрво се сечат оревите кои за сарлиита можат да бидат малку и толчени. Потоа се пржи гризот во многу малку зејтинче или маргарин, а готов е кога убаво ќе замириса. На крај, ванилата, ренданата кора од лимон и толчениот сакс се додаваат во него, но малку пооладен. Секоја кора се филува со гризот, оревите и зејтинче малку и се витка, а потоа се набрчкува.
Вообичаено се прави на сукало, полесно се набрчкува.
Првата кора се става во средина и потоа се редат другите во круг…

Сарлиита не се сече пред печење, само се полива со растопениот маргарин, или зејтин, а кога е непосна, може со растопен путер. Се пече на 200 степени, до 25 мин. за да добие златна боја.

Шербет

1 кг.шеќер залиен со вода се става да врие, се додава лимонов сок или лимонтузии. Шербетот е готов кога е како конец, односно кога има многу меурчиња… Се става на ладна сарлии врел шербет, но може и на топла.

За да го постигнам ефектот кој јас го сакам, ја поливам на два пати, прво кога шербетот сеуште не е баш готов и кога веќе е погоден за поливање. Мојот шербет секогаш е поредок, не утратува, можеш да изедеш колку сакаш. Кој сака потешка баклава, грицкава и да се сипа, рони, треба погуст шербет и еднаш поливање…
Се остава да одстои цела вечер за да си го прими шербетот и потоа се сече.

Баклавата е преубава, нека е на здравје!
За многу години празниците!

 

[gallery_one id=”2822″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]

Leave a Reply