Сите мои мусаки – Мешана мусака

 

Се сеќавам, само што бев дојдена овде, една комшика Швајцарка, ми раскажа како секоја година одат на летување во Грција, само заради мусаката. Се штрецнав и ја потпрашав што сакаше да каже. Да, само заради мусаката оделе, толку била убава, мориња имало секаде.
И си велам јас, каква ли мусака е таа…

Се присеќавав на сите мусаки што сум ги видела или пробала уште од крајот на 60-тите години кога заодевме во Грција.
Се присеќавав на сите мусаки што баба ми и мајка ми ги правале, та и татко ми…
А си ги знам и моите мусаки…
И ѝ велам, утре ќе ти направам мусака, една од многуте што ги правам, оти разни се, со компир, со модри патлиџани, мешана, со тиквички, полиена, неполиена, различно полиена, со пржени компири, со печени компири или модри патлиџани…
Жената потскокна како да ќе правам најголемо чудо на светот, целата во радост, како за нешто најнедостижно.

И направив, и проба жената, и беше среќна. Се чудеше колку е убава…

А јас со скршено срце, зошто никој не чул за нашите мусаки?

Мислам дека тоа беше мојот прв порив да ја презентирам нашата кујна во Швајцарија.

Денес ви ја претставувам мојата втора мусака, мешана, со потпечени компири и модри патлиџани.

 

Состојки

  • 500 гр.мелено мешано месо
  • 2 модри патлиџани
  • неколку компири
  • 1 главица кромид
  • 3 чешниња лук
  • 1-2 моркови
  • 1 црвена пиперка
  • 1 зелена пиперка
  • сува пиперка
  • 1 домат
  • сол, сув зачин, црн бибер, црвен пипер, магданос, мирудии (сушено нане), може и оригано, буковец
  • маслиново масло
  • маст

Постапка

  1. Најпрво исечете ги модрите патлиџани на тркалца, посолете ги и оставете ги да им излезе црната вода. Измијте ги потоа, исушете ги и премачкајте ги со маслиново и малку сол.
    Ставете ги да се печат во рерна.
  2. Потоа исечете компири на тркалца, посолете и исто потпечете во рерна.
  3. Додека се печат компирите, исецкајте го зеленчукот, испржете го убаво, додадете зачини.
  4. Испржете го и месото, јас го пржам секогаш одделно и додадете го во зеленчукот. Промешајте, пробајте колку е солено, за мусака тоа е важно.
  5. Сега поделете си го амурот-филот, поделете си ги компирите и патлиџаните, да знаете за колку реда ќе имате. Јас сакам кога е повисока, затоа секогаш правам во длабоки тави, ем не прска во рерната, ем повисока е, иако е потешко да се извади. Ставете само малку вода.
  6. Ставете маст одозгора, мусаката мора да е помасна, така е поубава.
  7. И на печење!

Тава за мерак! Мусака за мерак! Велиме во Струмица како мозок се стори…

Ако постои малку повеќе, полесно се сече и вади парчиња, зашто се стегнува, ама јас брзав, морав да сликам и партали ја направив, сирота…

Мајка ми оваа мусака ја прави поинаку, половина тава со компир, половина со патлиџани.
(Црни патлиџани, модри патлиџани, плави, сини, модри домати, плави домати, сето тоа е во опција)

Првата мусака која ја објавив на блогот можете да ја видите овде.

Може да ја сервирате со кисело млеко или само со салата, секако е убава, само да биде топла.

Пријатно!

 

[gallery_one id=”3922″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]

Leave a Reply