Покрај дроб сармата, традиционално, правиме и кадаиф. Прочка без кадаиф не бива, велат.
Ама велат кога се старее, почнуваме да живееме во минатото и зборуваме само за минатото…
Точно е, како натежнуваат годините, така новото време, тешко ни паѓа. највиталните се прилагодуваат некако, но сигурно ова не е наше време!
Ова е време на младите, како што во мојата младост, наше беше времето…
И така треба да биде, нека младите секогаш нé носат во иднината, зашто тие се иднината!
На нас останува да им ги пренесеме вистинските, универзалните вредности!
За навек! За добробит на сите!
Денес се присеќавам на спокојот и радоста кои Прочка секогаш ни го носеше.
Ден кога сите беа со отворени срца и барањето прошка од другите имаше поинакво значење.
Простувањето е врв на скалилото на човековите вредности!
Но да не заборавиме дека простување без свесност дека се погрешило и без покајување, нема никогаш да има смисла!
Простување заради простување, ништо не значи, освен што нé растеретува нас лично.
Но целта не е да го гледаме простувањето од себичн причини, целта е да градиме подобро општество, подобри односи каде секој ги сфаќа последиците од своето онесување.
Простете ми ако некого несакајќи сум повредила!
Да се вратам на рецептот…
За кадаиф во странство, ќе се помачиме секогаш и што ќе најдеме, прашање е, печен, непечен, препечен.
Овој беше потпечен малку, па си направив да биде по мое, си поиграв малку со боите.
Мерките може да си ги прилагодите.
Состојки
- 200 кадаиф
- 100 гр ореви
- 100гр. бадеми
- 150гр путер или маргарин
- 2 ванили
- 1 кесиче (10гр) цимет
- 800 гр шеќер
- 800 гр вода
- 100 мл кисела вода
- 1 лимон
Постапка
- Оревите и бадемите, толчени, помешајте ги со циметот.
- Ролатачињата направете ги со намокрени раце со кисела вода, а внатре ставете од филот.
- Моделиријате го кадаифот по желба и внатре ставете од филот.
- Но, потпечете ги одделно, во тавчиња намачкани со путер и прелиени со путер или маргарин, ролатчињата малку подолго, а правоаголниот дел сосема кратко, посебно ако сте купиле потпечен кадаиф каков што најдов јас.
- Потоа префрлете ги во тавче да бидат заедно, правејќи некоја декорација, јас го користев циметот.
- На крај, шербетот, не многу густ, но и тоа е по желба.
Брзо, лесно, декоративно, вкусно!