Во понеделник после Прочка, започнуваат Големите пости. Се вари бел, посен грав.
Во Струмица имаше преубава активност, целиот еснаф се собираше, пред дуќаните се вареше грав или се носеше од дома, а заеднички се јадеше. Не знам кога точно започна таа активност и не знам дали уште се практикува… Сите кои поминуваат, можат да се приклучат на импровизираните трпези, заедничката трпеза е пораката.
Истиот бел грав се јаде и сервира и на Тримери.
Самиот ден се нарекува Чист понеделник и е првиот ден од Тримери.
Денеска исто така се чисти и пере домот, се тријат тави и тенџериња, со тоа се чистат злите духови и се пречекува доаѓањето на пролетта. Така било некогаш, а денес се практикува…
Не сум детално запознаена, ќе ми простите ако нешто сум погрешила, посебно на делот со зејтин и без зејтин.
Она што го знам е дека гравот се јаде со маслинки, секогаш, а и се пржи риба.
Таква ни е традицијата.
Ќе ви презентирам бел грав како јас го правам, а вие прилогодете го на вистинскиот пост, ако не треба зејтин, не ставајте.
Ви посакувам да истраете во Постот, а најмногу ви посакувам вашето срце да биде спокојно и вашите мисли и зборови да ве красат.
Состојки
- 500 гр грав
- 2 главици кромид
- 1 пиперка
- сува пиперка
- сол, сушен зачин, црн бибер, мирудии-сушено нане
- зејтин
Постапка
- Гравот се мие убаво и се остава одвечер во вода за да нарасне, а и така полесно го вари жалудникот.
- Утредента водата се фрла и се става нова вода, се чека да врие 5 минути и повторно се истура водата.
- Се додава ситно исецканиот кромид и пиперка, врела вода и зејтин по желба. Јас ставам повеќе, зашто грав не бидува со малку зејтин, треба повеќе кромид и мирис на пиперки.
Сува пиперка секако ако имате, но не сум имала кога се правени овие слики.
Најубаво е да не се додава вода постојано, туку да вари во истата вода, но ако морате, додадете. - Зоврива и се намалува температурата, се вари на најслаба температура, тоа е многу важно за гравот. Ставете го капакот и повремено, контролирајте.
- Зависи од гравот, но без час и 1/2, не може да биде сварен. Сум слушала за грав со еден час варење, но мене не ми се случило такво нешто. Може кај ептен млад грав, не знам.
Кога е при крај, ставете ги зачините и наросете мирудија, сува пиперка, буковец, по желба….
Доколку имате повеќе течност, извадете еден дел од гравот, испасирајте го и вратете го во садот, внимателно промешувајќи.
Гравот не треба да се меша многу, протресувајте и избегавајте колку можете мешање.
Никако не смее многу да превари зашто тогаш јаглените хидрати се распаѓаат и знае да има непријатен мирис, затоа некои луѓе не го сакаат.
Белиот грав може да се прави и поинаку за што ќе следуваат рецепти.