Киселата зелка и последни тави-манџички за оваа зимска сезона…
Се изнајадовме сарми, посни, со месо, со ореви, праз, налик на прилепски, струмички, убавина 🙂
Оваа јадење е исто така традиционално, нема крај каде не се прави, како подварокот е…
Еве како јас го правам:
Состојки
- 1 главица кисела зелка
- неколку свински кременадли
- 3 страка праз
- 2-3 чешниња лук
- 1 морков
- 2-3 компири
- 1 црвена пиперка
- сува пиперка
- црн пипер, црвен пипер, буковец
- 1 полна лажица маст
- зејтин
Постапка
- Измијте ја зелката низ неколку води, оставете ја да стои во вода која треба често да се менува, околу половина час.
- Испржете ја прво зелката, сечена на ситно. Ги вадам дебелите места од кочанот, неколку листови замотувам како ролат и ги сечам тенко за побрзо.
- Додека се пржи зелката, а и треба повеќе време, подгответе го останатиот зеленчук, исецкајте го и почнете да го пржите.
- Кога е готов, додадете го во зелката, додадете зачини и префрлете во тава за печење.
- Додадете малку вода, маст, а кременадлите додадете ги на половина време. Вода се додава по малку кога ќе испари.
- Се пече на тивко неколку саати, печев 3 1/2 часа.
Месото ако сакате ставете го заедно, но јас обично го додавам покасно зашто бргу се подготвува. Компирот ја ублажува киселоста, таман доаѓа…
Ние велиме ума! И месото и зелката се ума-меки и сочни.
Пријатно!