Еве една тава која ја правиме со мерак, на прагот на пролетта… Едноставна, а колоритна и… Откријте!
Состојки
- млади компири
- 1 модар патлиџан
- 1 тиквица
- неколку бамји
- 4 црвени пиперки
- 2 зелени пиперки
- 4 големи домати
- карфиол
- кромид
- лук
- праз
- целер
- 3 моркови
- малку боранија
- сува пиперка
- зејтин
- 1 лажица брашно
- сол, сушен зачин, црн бибер, црвен пипер, буковец
- магданос
Постапка
- Зеленчукот се мие и се сече на парчиња.
- Како го сечете зеленчукот, така ставајте го во голем, длабок плех.
- Растворете го брашното во ладна водичка и ставете го во плехот од страните.
- Додадете зачини, запржете црвен пипер и буковец на зејтин и полијте ги врз тавата.
- Додадете малку врела вода во садот каде се испржи црвен пипер и полијте ја тавата.
- Ставете ја да се пече на 200 подолго време.
- Треба да се направи убав сос, внимавајте, не додавајте многу вода.
Според мене, убавината на оваа тава е во доматите кои и даваат посебен красат вкус. Јас додавам и агда, концентрат од домати. Секако старинската тава нема целер и карфиол, тоа сега го додаваме 🙂
Здраво, посно јадење, со преубав вкус.
Тавата може да биде со повеќе сос или посува, тоа е по ваш вкус. Обично кога останува, сосот се згуснува…Ми се допаѓа испечена на фурна, исцрвена, а во рерна повеќе ја сакам со сос…
Кој не сака црвен пипер запржен, не мора, може само да се додаде. Но овој пат мерак ми беше баш вака, црвена и мрсничка 🙂 За макање 🙂
Пријатно!