За Велигден подготвуваме јагнешко и имам најубав рецепт, уникатен, секако, ќе го објавам деновиве 🙂
Е сега бидејќи уште е ладничко, еве ја мојата варијанта на една убава тава, така наречена “селско месо”.
Рецепти има многу, секој е убав, се надевам ќе ви се допадне и овој. Зошто се вика селско месо?
Претпоставувам дека е поврзано со селската кујна, најубава на свет, затоа што таму може сеуште да се готви на тивко, што е основен услов за убавината на овие јадења. Или е поврзано со колењето, па од разни животни се земаат парчиња и се прави тавата…Или ако останело нешто месо, па му се додава и друго и ете превкусна тава…
Иако за очекување е да има и печурки, во оваа варијанта нема.
Дозите одредете си ги према потребите. Јас правев неколку работи во исто време и различна ми беше грамажата на месото. Но сакам да доминира пилешко и свинско, па јагнешко и на крај телешко. Месото овде е преубаво, меко, сочно, не му треба многу време на обработка, но оваа јадење сепак си бара повеќе време. Можете да го направите и за пократко време, тогаш текстурата е сосема поинаква, а ова си е старинска тава.
Инаку јагнешко се продава како филе без трунка мрсно, не бев видела такво јагнешко…
Сакам да речам моите состојки се поинакви во Швајцарија, но ги прилагодувам на нашите рецепти. Овде такви тави не готват, ама многу им се допаѓаат, секогаш нагласувам 🙂
Состојки
- јагнешко месо
- свинско месо
- телешко месо
- пилешко месо, карабатаци
- 2 главици кромид
- 2 чешниња лук
- 2 моркови
- 2 црвени пиперки
- суви пиперки
- 1 зелена пиперка
- 250 гр бело вино
- сол, црвен пипер, црн бибер, сув зачин
- свинска маст
Постапка
- Подварете го пилешкото месо, извадете ги коските и искинете го на парчиња, ставете го во тава за печење ( и направете си супа од водата 🙂 ).
- Сега исечете го останатото месо на коцки и пржете го до убава боја. Ставајте го во тавата за печење откако ќе се испржи.
- Испржете ги исецканите кромид, пиперки, морков и лук, па додадете ги во тавата.
- Додадете зачини, вино, малку вода, промешајте, свинска маст одозгора и ставете да се пече, покриено.
- После 1 час отворете ја тавата и оставете да се пече така, промешувајќи од време на време, за да се испече месото од сите страни. Значи два часа вкупно за печење на потивко, а може и повеќе часа, но мислам нема потреба.
- Контролирајте ја течноста, не треба да се исуши месото, треба да остане сочно.
Порано се печело долго, зашто на шпорет на дрва не ни можело поинаку, денес ниту има услови, ниту е препорачливо предолга обработка, зашто се уништуваат хранливите состојки.
Е сега вие како сакате, јас ја печам на потивко, најмногу до два часа.
Месото станува ума, меко, а исцрвено, секое парче со својот вкус, убавина.
Го сервирав со ориз, може и компир, по желба…
Денес беше роденденски ручек, а после ручекот, имав време за малку креации со оризот…
Пријатно!