Модриот патлиџан или црн патлиџан, па и плав, син, многу имиња има кај нас.
Ама и многу се готви. Старински јадења, нови јадења… Сто варијанти! И преку сто!
Мојата најомилена варијанта од старинските е Имам бајалди.
Старински рецепт во струмичката кујна, се прави како тава, уште од времето на фурните, мојот рецепт е баш од тоа време.
Ама ете си доаѓаат и нови рецепти, нови креации.
Денес, патлиџан со пире.
Првите специјалитети кои ги направив во Швајцарија беа токму со пире, офарбано со сок од цвекло, или морков, спанаќ…
Ова беше 2010 година, како дојдов, почнав да фарбам пире, не знам од каде ми беше светнало 🙂 , зашто ни И од Интернет знаев. Бев видела овошни на етикетата на калапот, веднаш знаев дека и солени ќе правам.
Инаку веќе сум рекла дека си печам патлиџани на кришки, ги ставам во фрижидер и по потреба ги филувам, да бидат тазе.
Состојки
- печени модри патлиџани на кришки-рецепт
- варен компир
- малку цвекло и сок од цвекло
- варени белки
- лук
- павлака
- сол, мускатно оревче
- магданос
Постапка
- Сварете компири и јајца, исецкајте ја белката и испасирајте го компирот.
- Додадете малку парченца цвекло, сок од цвеклото, сол, нарендајте мускатно оревче, пресирано лукче, павлака.
- Секоја кришка завиткајте ја со фил и малку магданос и ги имате овие ролатчиња.
Кај мене одеше брзо, имав сварено компир и јајца за редената салата, а печени патлиџани имав во фрижидер за да ги правам овие убавинки.
Се сервираат како ладно предјадење, но може да бидат и како гарнир.
Пријатно!