Пролетен просеник

Пролетен просеник
Пролетен просеник

Претпоставувм, рецепт за просеник имате сите, т.н. проја. Мојот рецепт е негде од 80 те години на минатиот век, кога почнавме да ја употребуваме палентата.
До тогаш рецептите за просеник беа со пченкарно брашно, може и без јајца, посни или не, беа поинакви, а сега се враќаат во мода од здравствени причини…

Кај нас моите го прават сеуште редовно со сирење. Јас му додавам и спанаќ кога имам.
Тие секогаш раскажуваат, спомнуваат просеник без бело брашно кое било како суво злато во минатото. А ако имало некоја чварка, било права гозба.
Имаме многу приказни за брашното во двете семејства, и кај татко ми и кај мајка ми.
Дедо ми со коњска кола носел брашно на роднините и пријателите во Дојран, такви биле времињата, тешки, но си помагале многу, луѓе биле, пред сé, делеле меѓусебно…
Другиот дедо, од кај мајка ми, имал Воденица, Маслинка се викала. Јас не ја знам воденицата, но била најубавата во тоа време, била во Водоча. Баба ми, била позната по тоа што го давала пченкарното брашно на оние на кои им било неопходно да се прехранат, тешки времиња, но тие секогаш помагале…
Сите јадења имаат по некоја приказна, ех времиња…
Така и за Ива моја се сеќавам, заради сирењето не го сакаше просеникот. Во тоа време, убави времиња, го ситнев сирењето да не се гледа, така го прави и мајка ми, никако сирење пред очи, а сум рекла и баба ми, свекрва и, беше иста. Како да направиш просеник со сирење за луѓе што не јадат сирење?
Ќе го измазниш како крем и ќе го ставаш, тогаш им се допаѓа 🙂
А Ивичка се потресуваше од сирење, никогаш не го научила тоа од мајка ми, или од баба ми, ајде де, како може така, 3 генерации, без модел за учење еден од друг?
Сум зборувала за тоа и порано, секогаш ќе ми биде чудно, како Ива не јадеше исто што не јаде и мајка ми? Одговори има негде во генетиката, којзнае..

Ете, јас пак сакам парченца сирење внатре, не пасирано, вкусови…

А ова сега е пролетен, расцветен просеник 🙂

 

Состојки

  • 4 јајца
  • 3 филџанчиња за кафе (120мл) палента
  • 3 филџанчиња бело брашно
  • 1 филџанче зејтин
  • 200гр кисело млеко
  • 1 прашок за пециво
  • по желба сол
  • 3 филџани кисела вода
  • по желба сирење
  • 2 -3 црвени печени пиперки
  • по желба спанаќ

Постапка

  1. Се мешаат состојките убаво, се додава сирење на парченца и по желба количина.
  2. Се додаваат на парченца печени пиперки и спанаќ колку сакате, јас го ставам суров.
  3. Смесата се става во подмачкан плех од шпоретот и се пече на пониска температура да не се распука ептен, околу 40 мин.

Овој пат направив половина плех со пиперки и спанаќ, половина само со сирење. Некогаш ставам блитва или нешто друго.
Ние го јадеме како главен оброк-ручек со кисело млеко, но може да го подготвите за појадок или вечера…Пинирлии и просеник, во моето семејство, а и кај нас, се редовно на трпезата.
Го обожаваме овој просеник, а колку е здраво, знаете.
Имам само една важна забелешка. Во Швајцарија просеникот не ми е како во Македонија. Рецептот е тој, цел живот го правам, но заради разликите во состојките, може авата, ахаха, излегува поинаку.
Не можам да ја добијам кората која во Македонија ми се прави. Го печам и на појако, на почеток, на крај, одозгора, одоздола, не може.
Но тоа не е никаков проблем за вкусот, преубав е, иако поинаков  на изглед и текстура 🙂
Пријатно!

Пролетен просеник
Пролетен просеник

 

 

[gallery_one id=”6869″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]

 

Leave a Reply