Кога ќе излезат првите бамји, па уште ако си во Македонија, што да се рече…
Бамји на сто начини ќе да е 🙂
Минатата година најдов овде огромни и ги полнев со мелено месо, онака за мерак, ммм…
Сега овие срцушки си ги купив на Буњаковец, ми ги намали женичката, последни и беа, но не, си ги платив колку коштаа…Таа измачена, напукана рака, си ги заслужува паричките…
Моето место, сакано, кое диши во ист ритам како и јас…
Рано наутро, измиено, разладено, се полнат тезгите, ах тој жагор, ме допира директно во срце…
Уште ќе се најде по некој да ми рече девојче, ова за тебе, ама сé поретко, скоро ич, прошла ми сезона, нормално 🙂
Битно овде ми е душата, овде сум дома, го сакам секој блик на арома, вкус и изглед, колорит, чудесии…
Ја барам Мара со пиперките локумчиња, го барам семејството со најубавиот грав, на крај, кај цвеќето, летам, чиниш злато ќе видам…Не дошле денес…ако, друг ден…
Сакам да знам дали луѓето преспиваат на пазарот, оние луѓе кои продаваат цвеќе, ги видов доцна во ноќта, таму беа уште…
Зарем длабоко во ноќта ја селаат онаа волшебна оаза, па пак ја враќаат наутро?
Битно овде се секогаш и тие, и за арно, и за лошо, оти цвеќето го дариме од срце, секому…
Состојки
- бамји
- пиперка
- домат
- ориз
- лук
- магданос
- сол, црвен пипер,црн пипер, сушен зачин
- зејтин или маслиново
Постапка
- Се сецка пиперката, лукот и бамјите, се пржат.
- Се додава домат, излупен, на коцки.
- Кога ќе се испржи малку, се додава врела вода и измиен ориз.
- Се вари побавно на овој начин оризот, кога е готово, се додаваат зачините.
Се добива летна прекрасна манџичка, со сос, киселкаста, красатка од доматот, а бамјите, ммм…
Ако стои подолго, оризот си го зема сосот, затоа внимавајте на тој детал…
Кој јаде луто, може да си стави и луто пиперче, јас имам сериозна алергија, за жал, завршив со лутото 🙁
Додадете си према потребите и пиперки и домати, ваш е вкусот, драги мои 🙂
Може да ви биде главно јадење во горештините или прилог со месо, како сакате, ние посно сакаме повеќe.
Другите објавени рецепти може да ги видите овде и овде.
Пријатно!
Draga Vesna, zgotveno i so slast izedeno. Vi blagodaram na prekrasniot recept, ke bide pocesto zastapeno na nasata trpeza. Pozdrav
Pozdrav Zorice, blagodaram na doverbata