И сега, она нашето, она по кое сме познати, суви пиперки со грав.
Срам да им е на оние кои се срамат од оваа наше прекрасно јадење или се мајтапат уште!
Таква вкусотија не знам дали постои на светот!
Овде ги имам сите кујни на дланка, сите имаат отворено ресторани или презентираат на разни настани…
Гравот со суви пиперки на разни начини, нигде не може да се види!
А која убавина е…Мексиканците прават лут грав, убав е, се прави во многу земји, сигурно, еве Бугарите нешто слично имаат, и нормално сите од Балканот, тоа сме ние и нашите кујни, слични, а сепак толку различни…
Ама со суви, па везени, ммм, немам видено…
Швајцарците пак на крај памет не им паѓа да варат грав, тоа е мнооогу долго време за нив…
Ама, ама кога ќе пробаат, немаат зборови да опишат колку им се допаѓа, вистина!
Се готвело и сеуште добро се готви на фармите…
Дедо му на Мишел имале фарма, се готвело за работниците кои седеле на огромните трпезариски, дрвени маси, заедно со семејството, не ги двоеле…
Е таа е таа старинска кујна на казани, велам слична на нашата!
Свекрва ми исто многу вкусно готвела, како и свекор ми, како и Мишел, сите 🙂
Мишел многу сака грав сега, е а пиперките им се потешки, па ги јаде поумерено…
Се сеќавам свекорот велеше дека неговата мајка зборувала: “Никако црвен пипер, никако, тоа го гори желудникот”.
Еми, му велев, нашиот желудник е изгорен генетски, што да правиме, завршена работа :), и пипер, и буковец, и пиперки, сето тоа си прави што си прави, ако си прави…
Мислам дека прашањето е многу сложено и индивидуално, кај секој различно се манифестира…
Најважно е јадењето да е умерено, да не се претерува и тогаш никакви проблеми се нема…
Неисе, денес гравот е еден од најбараните продукти во диеталните исхрани како пребогат со протеини, а и други состојки кои можат да му бидат доволни на организмот, затоа треба да се јаде редовно.
Како мајка и бабичка, ќе ве карам кој не јаде! Има да јадете и точка! За моја љубов!
Како, м? Строгост малку, еми шо 🙂
Состојки
- неколку суви, везени пиперки
- варен грав
- ореви
- лукче
- зачини
Постапка
- Треба да имате сварен грав со сите нишани.
- Пиперките ги подварувате, да се отворат…
- Истолчете ореви и лукче, додадете сол, црн бибер, може босилек, нане…
- Од гравот земете зрна, ставете во еден длабок сад и помешајте со лукот и оревите. Ако сакате пресирајте ги малку.
- Сега може да ги потпечете пиперките кратко, па да ги полните.
- Ако сакате повеќе да се печени, прво наполнете ги грав, па печете, зашто ќе станат кршливи…
- Печете на рингла, на алуминиумска фолија или во рерна. (Јас не си ваљам шпорето, никак, на фолија само!) Наоколу ставете гравче и ете убавина македонска!
Овие пиперки ги правев за Бадник 2013, колку за мезе, до Бадникот се намалуваа, ама успеав да ги овековачам…
Чинија полна протеини и ако е лутичко, одлично е за разработка на срцето и целиот организам…
Прекрасно мезенце или комплетен оброк…
Повелете!
[gallery_one id=”9916″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]