Мифиже

Мифиже или Мафиже се машничките кои го одбележаа нашето детство. Каква радост беше секогаш кога мајка ми ги правеше…
Некако со времето, престанаа да се прават, па и рецептот не е запишан во тетратките…

Мајка ми вели, лесни и брзи биле и затоа нема запишано, а поминале 50 години од тогаш…
Модерни беа во шеесетите и седумдесетите години на минатиот век многу, а сигурно и пред тоа…
Најдов понов рецепт, се гледа по павлаката, но резултатот е тој, преубави машнички.

Нашите баби и прабаби ги правеле кога сушеле домашни кори, а подоцна нашите вработени мајки, во недела, кога имаа повеќе време…
Претпоставуваме дека со појавата на готовите кори, поретко се прават…
Има неколку рецепти, со квасец или со сода бикарбона..
Сличен рецепт се појавува во некои медитерански земји, земји каде има карневали, а имаме и ние во Струмица…Како карневалот ги поврзува местата и мифижите, не знам, ама баш ми е интересно…
Ги има и овде, поинаква форма, зашто има карневали и се продаваат само тогаш, за време на карневалите…

 

Состојки

  • 500 гр брашно (по потреба)
  • 1 сув квасец
  • 250 мл млеко
  • 80 гр путер или маст
  • 80 гр павлака
  • 1 жолчка
  • 1 ванила
  • малку сол, меѓу прсти
  • по потреба зејтин
  • 2-3лажици шеќер во прав за посипување

 

Постапка

  1. Квасецот се става во млако млеко да стаса, ако е сув, не мора.
  2. Во длабок сад се просејува брашното, се додаваат сите состојки освен зејтинот и шеќерот и се замесува тесто кое не треба да лепи, додадете брашно, по потреба.
  3. Тестото треба да одмори 20 минути.
  4. Потоа се сука тенка кора, се сечат квадрати или правоаголници кои се прават како машнички со стиснување во средина. Исто така може да се засечат на две места и ќошињата се протнуваат низ нив.
  5. Се пржат на средна температура во повеќе зејтин со превртување.
  6. Кога се готови се посипуваат со шеќер во прав.

Напомена
Доколку сакате да бидат крцкави, кората треба да е многу тенка, а ако е подебела, ќе бидат како крофнички и впиваат повеќе зејтин.

Ги препорачувам и со слатко, мене најубави ми се со џем од кајсии.
Декоративни до бесвест, вкусни, превкусни, а многу брзо се прават…
Ги сликав долго, менував декори за да ви ја доловам нивната убавина, минатата година, токму овие денови…Префинети, крцкави, мирисни…прекрасен спомен од детството…
Радост за децата, а и да си пречекате гости…

П.С. Да не ве чудат разните имиња, само во Струмица, сеоја маала си има свое име, ако не и секоја улица 🙂

Пријатно!

 

 

[gallery_one id=”10101″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]

2 thoughts on “Мифиже

    1. Станка, видов синоќа, но дури сега ти одговарам, синоќа заглавив со рецептите, прееска исто, па се блокира блогот, крај нема…Прекрасни, ти благодарам на довербата. На здравје да ви се!

Leave a Reply