Рафаело торта

 

 

Тортата ја видов кај Мои рецепти и знаев дека е по мој вкус.
Сега и дојде редот, благодарам Албетина, сепак брзо реагирам 🙂
Направив само минимални измени кои не го менуваат рецептот.

Да нагласам дека тортите кои ги правам не ми се нешто украсени од повеќе причини.
Припаѓам на генерација која правеше старински торти, па кога се појави хоплата, воопшто не се заинтересирав, посебно за фил, немав такви рецепти. Ниту еднаш не направив фил со хопла како ја викаат, со слатка павлака.
Во Швајцарија пак за торти се користи крема, а има две врсти, со 25% i 35% масленост, но за мене таа крема ќе остане чудна 🙂

Од друга страна, никогаш не научив ништо за украсувањето на торти, останува да им се воодушевувам на вистинските ремек дела кои се прават и да им заблагодарам на убавината која ни ја даваат.

И уште нешто, изборот на украси овде е минимален!

Иако не ги украсувам тортите, гарантирам за преубавиот вкус на оние неколку кои ги правам 🙂 Имено, во оваа торта, вкусот на кремата се изгуби целосно во преубавиот вкус на рафаелото и го добив токму оној  кој ми се допаѓа.

Состојки
Тесто

  • 4 јајца
  • прстофат сол
  • 4 лажици ладна вода
  • 100 гр шеќер
  • 100 гр брашно
  • 100 гр густин (пченкарен скроб)
  • 2 рамни лажички прашок за пециво
  • 3 лажици сок од портокал
  • 2 лажици ликер по желба

Фил

  • 10 рафаело бомбици
  • 600 мл слатка павлака
  • 50 гр шеќер во прав
  • 30 гр кокос
  • 3 лажици ликер по желба

За украсување

  • 2 шлага
  • 200 мл млеко
  • кокос неколку лажици

 

Постапка

  1. Најпрво вклучете ја рерната да се загрева на 175 степени.
  2. Подгответе тавче или модла со пречник 26 см, намастете го.
  3. Изматете ги белките, водата и солта, постепено додавајте го шеќерот.
  4. Кога ќе добиете цврста и бела смеса, додавајте ги жолчките една по една.
  5. Додадете брашно, густин и пециво, но матете со најниска брзина на миксерот додека состојките се спојат. На крај додадете го сокот.
  6. Ставете ја смесата во модлата и оставете ја да се пече околу 35 мин. во зависност од рерната.
  7. Откако ќе се испече и излади пандишпанот, пресечете го на 1,5 см одоздола, а тоа ќе биде подлогата за тортата. Горниот дел од пандишпанот тргнете го настрана. Наросете од ликерот врз пандишпанот кој е подлога.
  8. Рафаело бомбиците исечкајте ги и ставете ги во еден голем сад.
  9. Издробете го другиот дел од тестото, додадете го кокосот, сокот и ликерот.
  10. Слатката павлака изматете ја цврсто со шеќерот во прав.
  11. Додадете ја во големиот сад и измешајте, изматете малку.
  12. Нанесете го филот врз тестото во облик на купола.
  13. Изматете ги шлаг пените со ладно млеко според упатството, нанесете го шлагот и наросете кокос по желба.
    Тортата оригинал беше украсена со рафаело бомбици и кандирани цреши, а јас ставив ливчиња од бадем колку без ич да не е 🙂

Пандишпанот е како пена, филот е како пена, шлагот и е пена, ама целата торта е една волшебна пена! Торта која редовно ќе се прави! Брза, лесна, чудесно пенаста 🙂

Пријатно!

[gallery_one id=”4655″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]

Leave a Reply