Во нашата струмичка кујна таканаречените мекици или лангиди имаат посебна намена, посебна подготовка, посебен вкус и изглед. Не ми е позната најстарата приказна за лангидите, но секако ја знаеме онаа од минатиот век која сигурно води потекло од памтивек…
Лангидите се симбол за најголемата радост, за „златната топка” како се вели во една преубава приказна…
Се прават кога ќе се роди бебенце, тоа е стара, прекрасна струмичка традиција, исполнета со ред и правила.
Порано правилата биле построги, се знаело кога точно мора да се прават, кој да ги прави, кој да се покани. Денес работите се малку измешани, правилата не се толку строги, па лангидите можат дури и да бидат заменети со нешто сосема друго.
Највештата жена во многучлените семејства се зафаќала да ја одработи најважната работа и тоа било огромна чест за неа. Тестото стасува неколку пати, има многу работа и затоа имала помагачки, но една морала да биде „главна’’.
Сите соби се преуредувале за гости, се ределе маси, се поставуваат лангидите, а модите се менувале…Тивко се прашувало додека се јадело, „а кој ги правеше лангидите?’’. Тоа е најважното прашање, па следела проценка, па пофалби…
Но со тек на времето, жената почнала да работи и веќе пренесувањето на оваа вештина не можела да оди лесно од едни на други генерации како порано. Вештината ја презимале неколку жени во градот, понекогаш во некои периоди и само една жена.
И токму тоа е највосхитувачко низ моите сеќавања, жената која ги подготвува сама лангидите!
Да, тогаш, во едни други времиња, само една жена можела да подготви стотици и стотици лангиди.
Со векови било така, гостите доаѓале, каснувале и си оделе, за да има место за нови гости. Гостите биле жени со дечиња, а ако и дошол понекој маж, тој не седел заедно со жените, иако и те како каснувал од лангидите во други простории.
Првите лангиди се носеле на мајката, родилката, дури и во болницата кога завршило породувањето во домашни услови…
Уште ја паметам тетката Кума која во 80 тите години на минатиот век ја канеа да ги подготви преубавите лангиди кои се прават на лице место, онаму каде гостите дошле на честито и благослови за новороденчето.
Рецептот е едноставен според состојките, но марифетлукот е голем, зашто нашите лангиди се со кругче во средината и тоа ги прави единствени. Е токму тоа е марифетлукот, на раката намачкана со зејтин се формира лангида со кругче во средината.
Покрај главната намена лангидите биле често на трпезата во многу семејства, како доручек, како вечера, десерт. Најнапред се сервирале само лангиди, но потоа во посреќни времиња се толчел шеќер, специјално за нив. Некои ги јадат со сирење, некои со мармалади…
Во Горна маала над џамијата, Варош маала, баба ми Зонка ги сервирала со мед, произведен од дедо ми и цело маало се собирало на лангиди со мед. Ех, прекрасни времиња биле тоа!
Баба ми и мајка ми имале чест да прават лангиди за некои членови од поширокото семејство и пријатели, за новороденче. Јас ја немам доживеано таа чест, но затоа можам барем да ја пренесам приказната со мојот скромен влог.
За убави лангиди според стариот рецепт едноставно потребно е квасец, брашно и вода, премесување неколку пати, пржење во многу зејтин. Потоа рецептот се менувал и се додаваат јајца, млеко и по желба и вкус секој си го прилагодувал…
Но традиционалните „погодени лангиди’’ треба да бидат бели, да не се мрсни, да се шупливи, а сепак „меснати’’.
Знаат да бидат многу мрсни и тегави, сите сме пробале такви, но јас никогаш не би го изговорила тоа, од почит кон жената и нејзиниот вложен труд! А грешки биват, нели?
Арно ама моја Ива, кога беше многу мала, неколку пати ме има засрамено, срце мајкино…
Седиме така повеќе од десетина жени со деца, Ива 3 годишна, ама не ја занимаат другите деца, туку лангидите, масата, милињата, сервисите, такво дете си беше…Седи како старица, пробува и гласно вели:”Мамо не пробувуви, грозни са!” Евва, евва, а тишина во собата, сите јадат со наведнати глави, па почнуваат да нé гледаат, гледаат, а јас каде да гледам, што да правам, црвенеам и се смешкам глупаво…
И така, лекции по убаво воспитување, почитување на туѓиот труд, следуваат и се практикуваат…
Ценете го трудот на другите, многу е важно тоа!
Денес има нови моди, нормално…Одамна не живеам таму и изумив дека многу работи се поинаку…Денес велат, раѓањето на бебенцето се слави во ресторани, не сум присуствувала, се надевам дека е сочувана традицијата и не се сомневам во тоа, дека таа секогаш ќе биде присутна, како доказ за нашто битисување, за нашата надеж…
Мојот рецепт е модофициран, мајкин, најубав, но ја има основата во себе, за да ја сочуваме приказната и радоста што подолго!
Состојки
- 800 гр брашно
- 1 квасец
- 3 јајца
- 250 мл млеко
- 250 мл. кисела вода
- 1 лажиче сол
- 1 лажиче шеќер
Постапка
- Подгответе го квасецот со малку млака вода и шеќер.
- Во просеаното брашно додадете ги состојките
- Замесете меко тесто. По месењето оставете да стаса.
- Повторно месите, може и до 3 пати.
- На раката си ставате зејтинче и правите лангида со отвор во средината.
- Се пржат во многу зејтин.
- Убаво е да останат побели и да бидат шупливи, а меснати. Убаво е да се пржат една по една.
Се сервираат со шеќер во прав, крупен шеќер, но може и мед, локум, мармалади, а и во солена комбинација со сиренце, маслинки, ајвар…
Добар апетит!
[gallery_one id=”3525″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]