Како ги одбележуваме деновите пред Велигден?
Денес и утре се најтажните денови во историјата на Христијанствто.
Велики Четврток и Велики Петок.
На денешен ден била последната вечера на Исус со неговите 12 Апостоли.
…Утрово, пред изгрејсонце, ги вапцавме првите три црвени јајца кои го симболизираат телото и крвта на Исус. Остатокот по желба, а во сабота повторно може да се вапцаат.
Во стари времиња, јајцата се вапцувале само црвени. Многумина сеуште си го негуваат тоа.
Но развојот на техниката и глобализацијата си го прави своето, па така сите имаат можност да видат како е и во други култури, луѓето се мешаат, и обичаите се мешаат…
Во секоја култура јајцата поинаку се шарат, а паганскиот обичај да се слави зајачето ги поминува границите на Германија и веќе е прифатено во многу земји, со радост.
Всушност и денес како и пред христијанството, станува збор за весело славење на пролетта, а зајачето е земено како симбол зашто овој период најмногу се оплодува.
После објаснувањето на мојот сопруг дека воопшто го немаат користено зајачето како симбол со родителите, дека зајачето и сегашниот Pâques всушност се комерцијализирани и дека Швајцарците немаат ништо со тоа славење во минатото, останувам на нашиот начин. Да им беше традиција на нивното семејство, секако ќе беше вметнато…
Во Швајцарија, свештените лица апелираа пред некоја година, крстот да се врати за Велигден, но нема трага од крстот, вапцани јајца има цела година, така да, минато е овде начинот на кој Швајцарците си славеле, c’est la vie…
И кај нас се апелира да се вапцаат само црвени јајца, но ете, покрај црвените мерак ми е да вапцам и пастелни оваа година 🙂
Сепак нека е сé за арно и весело, децата треба да се радуваат, а и ние со нив.
Состојки
- јајца
- цвекло
- оцет
- вода
Постапка
- Се вари цвеклото со јајцата и малку оцет.
- За потемна боја треба да стојат подолго време откако ќе се сварат.
Потоа се цедат и сушат, па се премачкуваат со хартиена салфета натопена во зејтин за да светат.
Обично ги ставам на амбалажата откако ќе ги офарбам, таму најубаво се цедат.
Инаку мајка ми секогаш, па и денденес ги прави со зеленко, во оптегната чорапа, така останало од нашите прабаби. Со години ги правев и јас така.
Со лак, со кромидови лушпи, декупаж, пробав разни…
Со Ива ги украсувавме со темперни бои…
Но боите од храната се најубави, јас често си ги користам.
Со кромидови лушпи се добива жолта, од црвена зелка лила и плава…
И да не заборавам, мајка ми ми кажува дека кога баба ми вапцувала јајца, закачувала црвена марама да се вее на терасата. Толку била силна, и тагата, а и радоста за Велигден!
Во сабота, здравје, следните, црвени, но и пастелни…
[gallery_one id=”5962″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]