И покрај тоа што немам убави кори како кај нас, правам бурек, презадоволна сум, ама да не го правам толку често!!! Е ајде де, божем на диета сум, ама ми успеа вториот месец и да накачам! Ваква пита, онаков бурек, вакви колачи и толку е…
Последниот месец ќе се потрудам повеќе (?), зашто ми е неопходно од здравствени причини!
Водете сметка за здравјето, јас не го правам тоа баш како треба, никогаш не сум водела сметка…
Кај нас дома, татко ми беше, и е по здравата храна, емотивец кој заработи чир многу млад…
Ни читаше на глас, ни проповедаше што да јадеме и зошто, но мајка ми и јас секогаш си теравме по свое, едино брат ми е по здравата храна повеќе…
И така, најнездравото ми е најслатко, што да правам, не сум добар пример, признавам!
Едина утеха ми се докторите кои велат дека и те како ни се потребни мастите!
Нека младите секогаш се информираат добро, зашто ниту едното, ниту другото е добро ако се претерува!
Умеренста нека ве води, секогаш!
А да, јас силно верувам во пораките на нашиот организам, треба да знаеме да ги препознаваме и тогаш може да контролираме. На пример преголема желба за некое јадење, укажува на недостаток на нешто што е содржано во таа храна…Не за џабе децата јадат ѕидови кога им треба калциум…
Инаку вкусот на домашниот бурек ми е уште поубав од оној купечкиот, вистина, ептен е убав! Крцкав, баш онака како го сакам, лета на сите страни 🙂 Корите на вкус ми се преубави, едино на изглед потфрлуваат 🙂 Ама овие беа ептен сол како велиме, па уште 400 гр, па додавав други, а пак тие како шмиргл, не примаат ни вода, ни зејтин, оф…
Нема ли да си одам дома и да си направам и на изглед убав бурек!!! До тогаш, крцкав и вкусен, бушав 🙂
Состојки
- 500 гр готови кори
- 350 гр сирење (кој сака и повеќе)
- суви пиперки
- сол
- 1,5 дл вода
- 0,5 дл зејтин
Постапка
- Пиперките се дробат.
- Се мешаат со сирење. Ставете си сирење по желба, јас не сакам многу фил…
- Водата, зејтинот и солта се мешаат.
- На дното на намастена тава се стават две кори да висат надвор од тавата. (Ако ги напрскам, остануваат залепени на масата, ако не ги напрскам, стануваат тврди и се кршат, иако брзо работам, маки :-))
- Се става една нагужвана, се прска течност.
- Се става друга нагужвана, се прска и се става од филот.
- Постапката продолжува до последните две кори кои се без фил, се затвараат со двете кори кои висат, се прска од течноста.
- Се пече половина час на 220, потоа се вади од рерна и се превртува.
Што се однесува до зејтинот и водата, може да биде и повеќе ако корите се поинакви и не примаат, а тоа сами ќе процените.
Мирисот на сува пиперка во бурек, што да ви кажувам, пробајте 🙂 Кој може да јаде луто, ставете и лута пиперка 🙂 Пријатно!
П.С. На рецептот Бурек имаше грешка зејтин-вода која сега е поправена, благодарам на укажувањето. Најискрено се извинувам 🙂
[gallery_one id=”5175″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]