Ако мислевте дека завршивме со струмичката кујна, или старинско дојранската, сте се прешле. Имам толку многу рецепти уште да ве потсетам, да ништо друго и не можам да стасам 🙂
Но кога гледаме по филмови дека и на курс се оди за да се направи јајце на вода, некаде по светот, пресреќна сум што може да се пофалиме со нешто толку вредно како што е нашата кујна! Само да можеше да се гордееме сите, повеќе, со нашето! Само да можеше да си го почитуваме, цениме и негуваме, повеќе, нашето!
Да можеше и да научиме да ја дариме нашата приказна, па да ни се вратеше милион пати повеќе…Ама, ама…
Не сме во состојба ни да поддржиме такво нешто, ниту на светот да му покажеме што можеме, и тоа благодарение на нашите прабаби. Оти нивна е заслугата, за вкусот, за мирисот, за колоритот! Ние сме само некои кои се трудиме сето тоа да остане “живо”, зашто тоа е дел од културата, нели?
Кажи ми каква музика слушаш, која книга ја читаш, што јадеш и веќе знам сé за тебе, вели една стара поговорка 🙂
И вистина е!
Уште само да не се срамевме толку од своето и да не слепо се воодушевуваме само и секогаш на туѓото! Уште малкуцка ни фали 🙂 Верувајте ми 🙂
И сега, уште еден чалбур! Чалбурите некои ги сакаат во зимо, ама овој е летен, со посебен шмек. Имало повеќе рецепти и во Дојран, како и во Струмица, па еве еден, дојрански 🙂
Состојки
- неколку јајца
- кисело млеко
- лук
- зејтин
- црвен пипер
- магданос
- сол, црвен пипер
Постапка
- Подгответе лук и магданос, лукот на ливчиња или толчен.
- Во еден длабок сад ставете ги лукот и магданосот, киселото млеко, малку сол и така измешани, сервирајте поединечно во други чинивчиња, или пак за сите, нека си биде во големиот сад.
- Сварете јајца на вода, јас сакам жолчката да остане малку течна.
- Откако се готови, ставајте јајце преку киселото млеко, директно во тањирот на секој или во големиот сад.
- Сега испржете црвен пипер, може и буковец и преливајте преку јајцата и киселото млеко. Црвениот пипер, пржете го на исклучена рингла или тргнете го тавчето од ринглата. Не смее да изгори, затоа внимателно.
Ех тој црвениот пипер и буковец, испржени, кога ќе замирисаат убаво низ маалото, милина, а со јајце, лук и кисело млеко, летно време е закон!
Комшиката си ја подава главата од тераса и прашува, ммм, што е тоа? Нема одговор, мора да се проба, па да се знае 🙂
Благодарност до Тања <3
[gallery_one id=”8596″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]