Имам неколку варијанти на тавче гравче, но се однесуваат на додавање на состојки, а начинот на подготовка е речиси ист или сличен.
Оваа варијанта ми е класика 🙂
Од 2012 год. немав направено нови фотографии, тогаш немав и суви пиперки, та дури сега дојде времето за нашето тавче гравче.
Се чини едноставно, и е, само да се има малку трпение.
За убаво тавче гравче, треба бавно готвење, како и за варениот грав, всушност како и за многу наши јадења, сите си го бараат своето време. Е сега сé потешко се има време за готвење, но тоа е тоа, прилагодување и готвење на таквите јадења кога се има повеќе време…
Треба да сме горди на тавче гравчето, толку уникатно е, толку вкусно, а најубавиот дел од приказната ми е колку странците го сакаат, посебно кога е со лути пиперки.
За да направите тавче гравче, ви треба сварено гравче. Може да го сварите по ваш или по овој рецепт.
Состојки
- сварен грав
- суви пиперки
- 1 главица кромид
- 2-3 чешниња лук
- зејтин
- црвен пипер и буковец
Постапка
- Кога гравот е при крај, ако сакате да правите тавче гравче, треба да одвоите зрна, без водата и да ги ставите во тава или мали тавчиња за печење.
- Потоа додадете од водениот дел од гравот, полијте ги зрната малку.
- Испржете кромид и лук и залијте ја тавата со нив. Ставете суви пиперки и притиснете ги во течноста, да не изгорат веднаш.
- Во тиганот што пржевте, додадете зејтин, нека се угори, тргнете го тавчето на страна и додадете црвен пипер и буковец, мешајте да не поцрнат. Прелијте ги врз гравот и ставете ја тавата на печење, прво на 220, потоа на 180 степени.
- Кога ќе почне да врие густо, готово е. Ќе се направи убава коричка…
Не треба да биде исушено, но ни водено, треба да е таман искрчкано.
Ако немате доволно од течноста од варениот грав, помешајте ја со малку вода.
Многумина додаваат нане за полесно варење на гравот.
Овде запршката со црвен пипер е неопходна, а некои ставаат и брашно, но јас само со црвен пипер и буковец го џшнувам и преубаво е!
Кој си јаде луто, и пиперките и буковецот треба да се лутки!
Пријатно!
[gallery_one id=”10505″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]