На некои рецепти, ептен им се радувам и многу ми е мило што ви се допаѓаат. Пинџурите спаѓаат во тие рецепти, убав наш пинџур на сто начини, сите поинаку го правиме, а сепак е истиот, надвременски.
Овој пинџур е истиот како оној со музиката, а сепак различен, и на око и на вкус. Сега патлиџаните доминираат, а пиперките се помалку.
Состојки
- 3 модри патлиџани
- 2-3 црвени пиперки
- лук
- ореви
- сол
- зејтин
- магданос
- по желба лути пиперки
- по желба малку оцет
Постапка
Пинџурот кој има најубава музика 🙂 , може да го видите овде.
- Патлиџаните и пиперките се печат.
- Се ставаат во кеси да се задушат за полесно лушење.
- Патлиџаните треба да се добро испечени, се вртат со виљушка за да се развлечат, или се кинат, како и пиперките, па се мешаат.
- Оревите со лукот и солта, се толчат на покрупно и се додаваат.
- Се загрева зејтинот и пинџурот се попарува.
- Кога ќе се олади, може да се стави малку оцет и магданос.
Ништо послатко од пинџур и сиренце. Како и да го правиме, секако е убав 🙂
Овој пат, на покрупно се искинати патлиџаните и пиперките, може и така 🙂
Пријатно!