Сарма од штавељ или блитва

 

Во Швајцарија нема штавељ ни за лек, па најубава замена му е блитвата.
Но и таа е поинаква, огромна, листови како чадори…
Потешко се прави сармата од таквата блитва, ако е во врела вода, останува пластична, ако зоврие, отиде, ахаха… Затоа треба да се внимава.
Сармата од штавељ ја има неколку вида, а се прави и само посна, со ориз.
Значи со мелено месо и ориз, потоа полиена сарма, со јајца и кисело млеко и само со кисело млеко..

Дома кај нас се правеше секогаш со мелено месо и ориз, така и баба ми правеше. Ја сервираме со кисело млеко.

Но знам дека многу се прави и полиена со јајца или кисело млеко, па затоа ќе ви ги прикажам и овие рецепти.

Сармата со која растев ми е најубава на свет, симбол за пролетта, симбол за заедничкото готвење.
Слика 1

Мајка ми го пржи амурот, подготвува сé и пржи…

Слика 2

Татко ми ги остава крстозборките или некоја книга, влегува во кујна, зема столче и чека мајка ми да му принесе прибор, како хирургот што чека 🙂 Една тава со листови, друга тава за редење сарма, трета тава со амурот и мала чиниичка за правење сарма, зашто тој е мајсторот.

Слика 3

Мајка ми принесува и не мрда од кај масата, стои, пргава е, татко ми е хирургот, и само кажува што му треба, а она додава…Е кога е празник, оти сармата се прави еднаш неделно обавезно, тогаш се прави поголема тава и мајка ми си седнува, па двујчката си виткаат, мерак да ти е да ги гледаш!

Така некако ќе ги памтам секогаш и секогаш ќе им бидам благодарна што ми го дадоа тој модел 🙂
(Знам дека сум зборувала за тоа веќе…ама да си кажам пак…старост)

Често сармите и ние ги виткаме заедно, послатки се така, верувајте!
Заедничката енергија и љубов се вткајуваат и во храната 🙂

 

Состав

  • листови штавељ или блитва
  • 500 гр. мелено, мешано месо
  • ориз
  • млад кромид
  • морков
  • сол, сув зачин, црвен пипер, црн бибер, сушено нане (оригано)
  • зејтин

Постапка

  1. Ако сакате убав ориз во сармата, зрното да ви биде цело и да се брои, пржете го прво оризот, но подолго време. Мајка ми не го пржи долго, но сепак и се брои зрното…
    Кај мене зависи од оризот, ако си имам кочански, немам проблем, ако не…
  2. Додадете го морковот ситно исецкан, месото, пржете…
    На крај кромитчето. Oбратно e сé, нели? Е па може и така, ништо нема да е згрешено!
    Оризот ќе ви биде цело зрно, кромидот свеж, не се плашете да промените редослед, може да биде и корисно во оваа фаза.
  3. На крај зачините, посебно повеќе сушено нане.
    Имам на тераса и редовно си сушам.
  4. Исечете го тврдиот дел од штавељот, а ако е блитва, обработете ги листовите, јас ги сечам дршките и листовите на пола.
  5. Ставете ги во тава со врела вода на рингла, и бидете тука, нека почне да врие, па исклучете и тргнете од рингла. По некое време, вратете на рингла, проценете сами дали се омекнати.
    Ако се преварат, ќе се кинат, затоа внимавајте.
  6. Се витка како и секоја сарма. Листовите ги сечам, а погледнете во сликите за виткање.
  7. Се реди во тавче, се залива со врела вода и зејтин.
  8. Се пече колку оризот да е готов, не треба да се исуши наполно, треба да си остане сочно.

Се сервира топла со кисело млеко.

Некои ја сакаат попечена, посува, поводна, вкусови…
Обично тоа што го засекувам од зеленит дел, го додавам во месото и оризот кои ми остануваат.

Јас сакам да е сочна, и пак ќе речам како сармата на моите родители 🙂
Ете, првите три фотографии се од нивната штавељ сарма, во Струмица се вели топки сарма и навистина моите ги прават топчеста форма, баш по струмички, јас вртам поинаку 🙂
А мајка ми вели, твојата е поубава!
И така, сармата наша, најубава на свет 🙂

П.С. Синоќа, длабоко во ноќта го пишував рецептоткако и следните два. Интернетот беше толку спор, што ми направи хаос, многу слики не можев да ги најдам, ниту можев да споделам…
Така до 5 часот сабајле…
Сега пронајдов слики од срамата со штавељ и ги додадов, која направена во Македонија,  ја носиме овде, колку за мерак 🙂
И да, ме потсетија, користете јагнешко, со него е поубава.

[gallery_one id=”5213″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]

 

Leave a Reply