И така, нашата кујна може да се мери со сите светски, ама око да не ни трепне!
Она што го имаме во Западна Македонија, го нема во Источна или Јужна, Северна и обратно!
Она што е типично во едни краеви, го нема во други, ама таму има други типични…
Та дури она шго го има во едно маало, го нема во друго, ама е богато со друго нешто…
Кое богатство е тоа, Боже мили?
Отсекогаш сум била приврзеник на нашата кујна, од странските сакам да пробам и некои работи си се одомаќиниле, но Интернет ни покажа што всушност ние имаме…И уште не знаеме СЕ!
Колку многу прекрасни рецепти нема кој да ни ги покаже, зашто тие што најмногу знаат и умеат и имаат најголемо искуство, не се на Интернет, но секако благодарност и за тоа што го имаме!
Најчесто во групите на фб откриваме многу убави наши рецепти и бескрајно сум благодарна на некои групи, токму заради тоа! Учиме сите заедно, млади и стари, и така треба да биде! Традицијата младите треба да ја продолжат!
И да не одолговлекувам, но ќе мора повторно да нагласам дека мене Блогот не ми е никаков бизнис, ниту себепромоција за не знам какви цели, туку пред сé сочувување на НАШАТА ПРЕУБАВА КУЈНА, НЕЈЗИНО ПРЕЗЕНТИРАЊЕ КАЈ НАС И НАДВОР!
А мојот личен мотив е преточен во посветување на овој блог и рецепти на мојата Ива.
Најзадоволна сум кога правам јадења кои ми се инспирирани од традицијата наша, и многу се радувам кога гледам млади кои ја учат и применуваат со огромна љубов <3
Се трудам да презентирам типични, прекрасни рецепти и од други краеви, зашто се преубави, но јас цел живот сум на струмичка кујна и неа најдобро ја познавам, ама не целосно…
Велам не целосно, зашто струмичката кујна е мешавина од стара Струмица, дојденци-Бежанци, Дојранчани, Валандовчани, Беровчани и дојденци од сите преубави села околу Струмица, 70 и неколку се…Замислете, сите тие ги носат своите прекрасни кујни во Струмица, сето тоа се меша, па се надоградува и затоа е така како е! Пребогата, преубава!
Мојата кујна е мешавина од Дојран и стара Струмица-Варош маала, а многу рецепти кои се типично струмички од Бежанците или Беровчани, или од селата, допрва ми претстојат да ги дознаам, како и од сите маала…
Интернет-благодарам, прекрасни луѓе, благодарам 🙂
Останува да ви го повторувам мојот аманет 🙂
Добри луѓе, споделувајте, пробувајте, раскажувајте и презентирајте ја нашата кујна, таа е дел од нашиот идентитет <3
Нечиј потсмев не е достоен да се коментира, уживајте и овозможете другите да ја уживаат!
Баба ми Донка, ги правеше најубавите манџи со суви сливи, посебно со дивеч. Денес и кај мене тие јадења ни се најомилени и најчести на трпезата, тој вкус на солено – благо е незаменлив, го имаме во разни јадења, разни меса, млеченикот…
Не сум многу по месото, помалку го јадам количински, а вака со сливи, повеќе ми оди. Веќе имам објавено свинско со сливи во грне како манџичка, уште една варијација на тема, ќе следува и овде.
Состојки
- 500 гр свинско месо
- 1 страк праз
- 2 црвени пиперки
- 2 компира
- црни суви сливи
- зејтин
- сол, црн бибер,црвен пипер, сушен зачин
Постапка
- Месото се подготвува, мие, сече и се пржи, може на маст, најубаво е. На крај му се додаваат зачините, посебно солта, ако се стави на почетокот може месото да се стврдне.
- Се тргнува на страна, па се пржат празот на ситно, а пиперките сечени покрупно, покриени, задушени. Сум имала компири останото од нешто, веројатно од компирчињата со сливи, за полнетото филе и затоа сум ги искористила. Додадете ги и компирите, сечени на поситно за да се зготват побрзо. Можете да додадете малку вода. Каврмата вообичаено треба да е посува, затоа нека се пржат во сопствениот сок.
- На крај се додаваат сливите, колку сакате на број.
Месото можете да го јадете одделно, да си остане крцкаво, но може да го помешате за да се соединат вкусовите, ваша желба е. Иако знам дека повеќето сакаме прженкото да остане крцкаво, убаво е и помешано, правам и така и така. А сливите, доколку се многу суви, ставете ги во топла вода да омекнат, овде се продаваат полусуви, па директно ги ставам.
Кога ќе се помешаат сите вкусови, секој од нив останува доволно присутен за да нé воодушеви, нема што, благо солениот е навистина вкус кој не нé остава рамнодушни.
Јас сум навикната на овој вкус и многу ми се допаѓа, пробајте, нема да зажалите 🙂
Добар апетит!
[gallery_one id=”3549″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]