Порано, кога бевме деца, супата или чорбата претходеше на главниот оброк, речиси секој ден, а во недела обавезно. Кога јас почнав да готвам си го продолжив редот…
Е арно ама денеска не е така! Денеска чорбата ни стана и главен оброк, во мода е, и посна и месна.
Често правам посни супи или чорби, додавам секаков зеленчук што имам, и за 2-3 дена имаме преубав оброк или предјадење.
Денес ви презентирам поинаква пилешка чорба, класичната веќе ја објавив.
Моите чорби немаат запршки со брашно и се многу здрави.
Состојки
- пилешко месо
- 1 главица кромид
- 1 пиперка
- 1 домат
- неколку цветови брокула
- 1 парче целер
- неколку цветчиња карфиол
- неколку листови кељ
- сол, црн бибер, малку црвен пипер
- зејтин
Постапка
- Доколку сакате најздраво да ја подготвите чорбата, само сварете ги продуктите. Доколку сакате малку повкусна да е, прво испржете го зеленчукот, исечен на парчиња.
- Сварете го месото, исцепкајте го и во таа вода додадете го и испржениот или не, зеленчук. Промешајте, одвојте еден дел, испасирајте го и вратете го во чорбата, нека поварат заедно., додадете црвен пипер.
- На крај се додаваат другите зачини.
Зеленчукот не треба да се вари премногу, за дваесетина минути сите зеленчуци се готови, а ако се превари, се губат сите вредни состојки.
Можете да додадете што сакате, што имате, строги правила нема, секако ќе биде вкусна.
Битно е да знаете дека на морковот му треба капка маснотија како витамините би се раствориле и дека преварувањето не е добро.
Избегнувам да ставам компир, зашто не е убаво да остане, ако ви е само за еден ден, можете да ставите.
Оваа преубава чорба, може да ви биде и главен оброк. Секако можете да си ја направите посна, без месо, исто е преубава.
Пријатно!