Кога е сезона на бамји, јанииита ја правиме со нив, покрај компирот. Но и кога не им е сезона, ги имаме замрзнати, па ги користиме. Јанијата може да биде и со месо, со телешко, со јагнешко, но и со свинско, сите имаме различни вкусови и правиме да ни е слатко.
Основниот рецепт за посна јанија го имате овде.
Бамјите се составен дел на струмичката кујна, се готват на разни начини или едноставно се додаваат во разни јадења, како во збогатената јанија.
Состојки
- неколку компири
- неколку бамји
- 1 главица кромид
- 1 црвена пиперка
- 1 морков
- 2 чешниња лукче
- 1 домат
- 1 лажица брашно
- зајтин
- зачини
- магданос
Постапка
- Се пржи кромидот, ситно исецкан.
- Се додава морков и пиперка, помали парчиња.
- Потоа компирот на коцки и лукчето.
- Бамјите се додаваат на крај.
- Се додава и излупен домат на коцки, убаво се пржи сет зеленчук и се залева водичка.
- Се раствара 1 лажица брашно во вода, се додава, а и црвен пипер. Сол, мешан зачин и црн пипер се додаваат на крај, како и магданосот.
Овие вкусни, посни манџички се прават наједноставно. Нема што да се погреши, се пржи зеленчукот убаво, нека е ситно исецкано, побрзо ќе се испржи, а и издинста. Потоа се динста додека морковот и компирот бидат готови, околу 20 минути до половина час. Кој сака, може да ги вари и повеќе, но нема потреба. Вкусот е преубав, запршка не му треба, а ако веќе морате, тогаш само црвен пипер нека е. Многу полесна за јадење и варење е без запршка или со бела запршка, кога брашното се спушта на почеток во водата и убаво се сварува, па не смета. За оние кои ни брашно не сакаат, едноставно се пасира малку од компирот и се промешува.
Пријатно!
[gallery_one id=”12101″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]