Ајде уште оваа јагнешка чорба и после ќе правиме зеленчукови!
Јагнешките чорби секогаш ни се како целосен оброк, заситуваат многу.
И оваа чорба е забелена со јајце и лимон, не бива без нив 🙂
Ива кога беше мала многу ја сакаше оваа чорба, се сеќавам деновиве како сите другаркички доаѓаа и каснуваа со неа, а она уживаше да јаде со нив…
Спомени, спомени…
Старинските рецепти за чорбата не содржат павлака, ова е понов рецепт кога почнавме да ја користиме павлаката за сé 🙂 Но почнавме и да додаваме зеленчуци што повеќе, витамини без кои не се може. Затоа не го варам зеленчукот долго, туку пократко колку е можно за да не се уништат вредните состојки.
Состојки
- јагнешко за чорба
- џигерче
- млад кромид
- морков
- целер
- пашканат
- ориз
- јајце
- лимон
- магданос
- сол, сушен зачин, црн бибер, дафинов лист…
Постапка
- Понекогаш купувам месо за чорба, поточно филе австралиско кое е преубаво, никогаш не мириса, но понекогаш користам и од зготвеното веќе, свареното. Значи ќе си користите какво имате. Месото со изнутриците се става да се вари во вода. Обично ставам џигерче, убаво отстоено во води и малку млеко, за да нема мирис.
- Kога е гoтово месото, се цепка, џигерот се сецка, се додава шака ориз, рендан морков, млад кромид ситно сецкан, пашканат и целер, зачините.
- Се вари за оризот да омекне.
- На крај се забелува со јајце и лимон, па се додава павлака и магданос.
Можете навистина како главен оброк да ја користите чорбата, зашто е многу калорична и заситува.
Мене сите варијанти ми се убави 🙂 А разликата помеѓу таа од јагнешка глава и оваа е што овде има повеќе зеленчук 🙂
Пријатно!
[gallery_one id=”6209″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]