Ви ветив нешто ново, а тоа е аргентинска пита со еден фантастичен вкус.
Рецептот ми е од колешка од курсот по француски, Нури. Еден ден, драгата Нури која ни е највозрасната во групата, донесе пита, тенка, префинета, исечена на мали парчиња, преубава 🙂 .
Веднаш побарав рецепт, го стокмивме на многу јазици, а следниот час ми донесе точни дози. Веднаш ја направив, па уште еднаш, што да ви кажувам, пита над питите!
Добро сега, јас сум научена на тој благо-солен вкус во Струмица, но сите ја бендисаа!
За мене ќе остане баш тоа, префинета пита, благодарам Нури 🙂
Состојки
- 500 гр брашно
- 1 лажица сол
- 200 гр растопена маст
- околу 1,5 дл млака вода
Фил
- крем сирење
- пршута
- урми
- 1 жолчка за премачкување
- црн сусам
Постапка
- Се замесува тесто од состојките кое всушност е brisée тесто. Се меси поинаку од нашите теста, само со прстите.
- Се прават две тенки кори во форма на правоаголник, со повеќе брашно. Првата кора треба да е поголема за да може да се затвори питата. Кората се става на хартија во плех и се боцка.
- Се премачкува со крем сирење, јас користам дански натур, пресно сирење, најубаво ми е.
- Одозгора се реди тенки листови пршута и урми сечени на 3 делчиња.
- Се сука втората кора, треба да е толку голема за да ја покрие долната кора.
- Се затвара питата наоколу и се боцка. Се премачкува со жолчка и се посипува со црн сусам.
- Се пече на 200 степени додека да добие убава боја.
Питата е баш онака десертна, можете да ја послужите за разни поводи, во разни комбинации.
Ги сечев различно, сервирав и презентирав… 🙂
Пријатно!