Тробојна солена обланда

За празници обавезно правам некој ролат, реден или ролован.
Кај нас трпезата секогаш е разноврсна и во обични денови, многу табиетлии имаме во семејството :), некој не јаде ова, друг она и така за секој понешто, а таа традиција ја продолжив и јас.
Но мислам дека таква е и струмичката трпеза, се вади разноврсна храна, сé се става на маса.

За празници сакам да направам толку многу разноврсни работи, па заглавувам со времето, секако, иако сум добро организирана.
И тогаш спас ми е обландата!
Филови во фрижидерот ќе се најдат, само треба да ги дотераме 🙂
Обично вадам сé што имам за такво нешто, добивам моментална инспирација од тоа што го имам, го поделувам во чинивчиња, по боја, по вкус и ја премачкувам обландата, ала минут работа!
Млади домаќинки, ова е специјално за вас <3

Состојки

  • обланда
  • бел фил-павлака, пиперка, младо кромитче, шунка
  • портокалов фил-ајвар, павлака
  • зелен фил-павлака, магданос, перки целер, листови мента, сирење, сол

Постапка

  1. Обландата ја пресеков на пола, само половината ја искористив за овој реден ролат.
  2. Подготвив 3 чинивчиња филови. Еден фил ајвар со павлака, друг павлака со пиперка и млад кромид и шунка, и за третииот изблендирав магданос и зелени перки целер, мента листови со сол, додадов павлака и сирење, немав ни брокула, ни спанаќ, можете и нив да ги искористите за зелен фил.
  3. Најдобро е да се стават две обланди најдолу, зашто  подобро ќе држат.
  4. И потоа премачкувате како сакате.
  5. За подобро да се сече, се смрзнува малку, се сече и се сервира.
    Округлата обланда ја направив со притискање на калапот што го имам, како што вадиме колаче, не се расипа многу.

Редениот ролат е најбрз, може и да се завитка, но велам, кога немате време, вака е перфектно и за око. За вкус, сепак дотерајте си како сакате 🙂
Мојот ролатот беше прекрасен на вкус!

Пријатно!

 

  

 

[gallery_one id=”6331″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]

Leave a Reply