Имаме толку многу рецепти за ориз, а и старите ги подновуваме…
Мене ми е омилено јадење, посебно нашиот ориз.
Во Струмица, оризот подготвен на овој начин го нарекуваме пиљаф. Всушност тоа значи ориз -пилав или пилаф на турски, но овој збор го користиме само за рецептот ориз и фиде во солена варијанта.
Вчера си поиграв малку и направив модерна варијанта, всушност уште едни Ивини момички.
Други варијанти на Ивини момички може да видите овде и овде.
Овие декорации навистина се прават брзо, само ви треба еден цилиндер, ништо друго.
Можете да направите од мала конзерва, отворете ја од горе и одоздола и може да ви користи.
Цилиндерот се става во чинивче и се полни, еден ред ориз, па магданос, па ориз со фиде, пак ориз.
Кога е преполно, се притиска оризот, а со другата рака цилиндерот се подига нагоре. На чинивчето останува оваа убавина 🙂
Сега да се вратиме на пиљафот, најомилениот ориз на Ива, децата многу го сакаат, зашто крцка…
Класичниот рецепт е варен ориз полиен со врел зејтин што има преубав вкус. Јас го правам малку поинаку, а се добива истиот ефект…
Знаете, со кочанскиот ориз е вистинакиот вкус, со другите видови, вкусот е гол…
Состојки
- кочански ориз
- фиде
- зејтин
- сол, сушен зачин
Постапка
- Оризот се мие низ неколку води.
- Се става во врела вода со зејтинче, сол и сушен зачин да се свари.
- Во друга поголема тава, се пржи фиде до златна боја, не смее да изгори.
- Оризот се цеди ако има вода и се става во тавата со фиде, се свртува еднаш, двапати.
За овој рецепт се користи само кочански ориз, а другите видови може, ама сепак тие си имаат свои рецепти и вкусот не е ист.
Всушност јас правам обратно од класичниот рецепт, така ми е посигурно дека оризот нема да се слепи од врелиот зејтин, а и поздраво е, и што е најважно, вкусот е истиот.
Значи пиљаф кај нас е ориз со фиде, солена варијанта, а знам дека постои и блага.
Преубава декорација за свечени ручеци!
Пријатно!
П.С. Една мала напомена, да не излезе дека сум неписмена. Како изговараме, така пишуваме за струмичкиот дијалект, па напишав баш како го изговараме, со ф 🙂
[gallery_one id=”5740″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]