И овој рецепт е едноставен, повеќе е комбинација, но треба да оставиме трага и за вакви едноставни јадења. Модрите патлиџани за нас Струмичани се присутни секогаш кога ги има, во најразлични комбинации…
Month: February 2017
Пржен млад компир
Покрај другите рецепти ќе има и предлози за посни јадења, со напомена да си ги прилагодите на ритамот на постите.
Ова и не е некој рецепт, сите знаете да испржите компир, но ете сега го видов младиот компир и ќе почнам со него, време му е…
Бел грав, фасуљ-Чист Понеделник
Во понеделник после Прочка, започнуваат Големите пости. Се вари бел, посен грав.
Во Струмица имаше преубава активност, целиот еснаф се собираше, пред дуќаните се вареше грав или се носеше од дома, а заеднички се јадеше. Не знам кога точно започна таа активност и не знам дали уште се практикува… Сите кои поминуваат, можат да се приклучат на импровизираните трпези, заедничката трпеза е пораката.
Истиот бел грав се јаде и сервира и на Тримери.
Самиот ден се нарекува Чист понеделник и е првиот ден од Тримери.
Денеска исто така се чисти и пере домот, се тријат тави и тенџериња, со тоа се чистат злите духови и се пречекува доаѓањето на пролетта. Така било некогаш, а денес се практикува…
Не сум детално запознаена, ќе ми простите ако нешто сум погрешила, посебно на делот со зејтин и без зејтин.
Она што го знам е дека гравот се јаде со маслинки, секогаш, а и се пржи риба.
Таква ни е традицијата.
Ќе ви презентирам бел грав како јас го правам, а вие прилогодете го на вистинскиот пост, ако не треба зејтин, не ставајте.
Ви посакувам да истраете во Постот, а најмногу ви посакувам вашето срце да биде спокојно и вашите мисли и зборови да ве красат.
Кадаиф
Покрај дроб сармата, традиционално, правиме и кадаиф. Прочка без кадаиф не бива, велат.
Ама велат кога се старее, почнуваме да живееме во минатото и зборуваме само за минатото…
Точно е, како натежнуваат годините, така новото време, тешко ни паѓа. највиталните се прилагодуваат некако, но сигурно ова не е наше време!
Ова е време на младите, како што во мојата младост, наше беше времето… Continue reading “Кадаиф”
Дроб сарма
И ете ја нашата традиционална дроб сарма позната како џерп сарма во старите времиња, а и денес кај најстарите Струмичани кои раскажуваат за убавите времиња.
Не знам како ја прават другите семејства во Струмица, но кај нас се прави вака, а не со јајца полиена како во други краеви низ Македонија.
Традиционално ја правиме за Прочка, иако во опција се и други јадења…
Она што беше најважно во минатото, а би требало да е и денеска, е дека помладите одат кај постарите на барање прошка. Сите млади семејства одат кај своите родители, а и блиски роднини да побараат прошка, така останало…
Кај родителите се оди на свечен ручек…Кога бев мала, редовно одевме кај баба ми и дедо ми, па кадаифот, дроб сармата и лацкањето јајца, уште ги памтам.
Потоа одевме кај моите родители, а лацкањето јајца се повеќе замираше, знаете тоа е кога на децата им се пуштаат варени јајца да ги амкаат…
Не знам дали амкање се викаше литературно? Како е правилно, не знам, ама вакви убави адети треба да ги преживеат сите турбуленции, сите премрежија и модерни времиња.
Секако си е убава дроб сармата, рецепти и варијации има, а само љубов треба за да се направи.
Пржен праз со сирење
Овој ручек ми е еден од омилените во сабота, брзински, а многу вкусен и многу здрав.
Уште малку празот ќе ни биде главен, иако го имаме преку цела година и секогаш има место на трпезата. Но ќе го заменат многу други пролетни јадења, а тој секогаш ќе не поврзува со поладните денови.
Тешко ми е да ви давам прецизни дози, готвам за двајца, но и тоа не е адекватната мерка, зашто често ми е подготвено за презентација на блогот.
Мерките за вакви јадења мора сами да си ги пронајдете и прилагодите спрема семејството, првиот пат можеби ќе биде малку или многу, но следниот пат ќе знаете 🙂
Умрело дете за баничка
Сабота пред Прочка е ден кој се нарекува Умрело дете за баничка. Тоа е стара традиција во Струмица кога се месат, сукат и виткаат баници во спомен на приказната за детенцето кое умрело за баничка со сирне, како велиме во Струмица…
Приказната зборува за тоа дека некогаш на тој ден некое сиромашно детенце барало да јаде баница со сирење, но никој не им помогнал на неговите родители да му направат баница ниту пак некој му дал да јаде. Тажна приказна од минатото, но можеби не е само во минатото…
Зад оваа приказна стои крајот на сиропусната недела кога постот станува построг. Млекото и млечните производи се јадат последно во оваа недела, а православната традиција налага не само да се изеде туку и да се поделат млечните производи со другите.
И за оние кои постат и за оние кои не постат, пораката од приказната е јасна.
Можеме ли да станеме подобри луѓе и конечно да се нарекуваме цивилизирани?
Тоа ќе го поверувам кога ќе нема гладни деца на Планетата!
Мојата најголема желба секогаш ќе биде да нема гладни и жедни деца!
Сите мои мусаки – Мешана мусака
Се сеќавам, само што бев дојдена овде, една комшика Швајцарка, ми раскажа како секоја година одат на летување во Грција, само заради мусаката. Се штрецнав и ја потпрашав што сакаше да каже. Да, само заради мусаката оделе, толку била убава, мориња имало секаде.
И си велам јас, каква ли мусака е таа… Continue reading “Сите мои мусаки – Мешана мусака”
Пилешко со карфиол во кори
Еднаш објавив пилешко со карфиол на страницата, сега ја доразвив базичната идеја. На вакви начини карфиолот го јадеме повеќе. Тогаш го правев за потребите на УН диета и баш ни се допадна.
Пробајте, нови вкусови се секогаш дпбредојдени.
Слатко од портокали
Ова слатко е и од кората на портокали, но и од помали и поголеми парчиња од портокали, а ставив и еден лимон. Количина сами си одредувате, ги мерите портокалите пред варење, кога ќе ги подготвите во парчиња, фигури и полжавчиња. Најубаво е портокалите да имаат дебела кора.
Е сега цела година имаме портокали, кога со дебела кора, кога со тенка, ниту сезона се знае, ниту вкусот е ист како оној кој го носиме во нашите сеќавања…
Сепак нека има малку, токму како се правело порано, од сé помалку.