Честита годишнина!

Честита годишнина
Честита годишнина

Минатата година, овој период, ја привршувавме подготовката на блогот.
Мојот сопруг, со срце и душа се посвети на таа работа и еве до денденес е така, зашто блогот е како живо суштество, треба да се “храни”, одржува, променува, поправа…
Истуркавме една годинка!

На 2 август почнав да пишувам внатре, на 8 август мислевме ќе го отвориме, но се случи на 13 август.

Подготовката не беше лесна, најмалку сакам да се жалам, но тоа се факти.
Блогот пред сé е техничка работа, а само еден дел е видлив, шлагот, крајниот резултат, сепак се гледа.
Во позадина, со шифрите и кодовите оперира Мишел, бескрајна благодарност <3
Ми даде еден нов свет на техника, која требаше да се совлада и користи постојано, а јас и техника, два света.
Но мотивацијата беше силна, и стана моторна сила, цела оваа година.
И кога до 6 часот наутро поставував рецепти, и кога технички се блокираше, и кога погрешно ќе кликнев, па ќе отидев којзнае каде, или кога нечии туѓи прсти беа умешани како илјадниците обиди за хакирање…
И кога не можев да ги најдам старите слики и кога ќе заборавам да кликнам за секоја промена, па ништо не се регистрирало…Или кога од технички причини, тридневен труд ќе ти биде избришан, последните 3 рецепти ќе ги снема…и што ли уште не.
Мотивацијата беше присутна секогаш.
Да се остават традиционалните рецепти на младите, да се отслика едно дамнешно време со вистински вредности, пресек на најважните спомени, да се одбележи струмичката кујна со посебните карактеристики…
Да се вивне минатото во иднината, зашто таа, техниката, го може тоа, со наша помош, се разбира!!!

Оживувајќи ги старите спомени, ја галам мојата потреба да ги чувам живи сите…
Да ја чувам мојата Ива.
Затоа овој блог и го посветив нејзе!
Јас би сите да ги оживеам со овој блог, сите мои претци, сите мои сакани!

Околу 380 објави, рецепти 331, толку можев да поставам годинава…

А сé започна со Виолета Дејзи Ларк, на фб, кога ми рече дека треба да отворам блог!
Пред неа внук ми ми спомна нешто такво, и ми го препорача филмот Џулија и Џули, но ништо  не се случи, тогаш ни немав ѕирнато Интернет, како повозрасна генерација која на работното место не користела компјутер.
Далечна ми беше идејата, не сум подготвена за таков чекор.
Но разочарана од постојаните промени од фб, на страницата Со љубов, за вас, сепак почнав да размислувам за блогот. На страницата се губеа сите функции, текстовите ги снемуваше, досети се како да влезеш, досети се зошто промениле нешто, па ти најди што е тоа.
И кога буквално сетилата ти се нападнати, зашто ние постарите така го доживуваме сето тоа, кога од сите страни скокаат некакви си работи, реклами, понуди, кога почнав да не се чувствувам убаво меѓу сите тие атаци, те рекламирај ја страницата, те плати толку, те напрај ова, она, се решив.
Не ни требаше многу време да тргнеме во оваа нова авантура, тргнавме…
И ноќи непроспиени, и хронично уморни, укоченост до недвижност, но продолжуваме…

Ја бевме инсталирале поддршката за српската азбука, ми требаше за да пишувам на Coolinarika…
Со мојата страница имав лоши искуства, на кирилица луѓето овде не можат да те најдат.
И така падна одлука, нека биде со латинично писмо, за да ја најдат…
Некои критикуваа, но и стивнаа, или зашто претежно пишувам на блогот, па не се појавувам сегде и не можам да видам. Кога еднаш се вклучив во една дискусија за блоговите, добив совет, од прилика вака: “Подобро би било да пишувате кирилица, за да можат луѓето да добијат превод”.
И си велам, па го знам тоа, мора на кирилица да е за да добиеш превод на google, го знам, ама ете не го помислив и благодарна сум што таа жена го потенцира тоа, па почнав да пишувам на кирилица.

Што постигнав до сега од планираното?

Задоволна сум, иако би сакала побрзо да ги завршам постарите рецепти, но има уште, стотици се…
Би сакала да започнам со новитете планови, ама бавно оди, уште има многу работа на блогот.
Единствено што недостасува е преводот на рецептите, но толку се може, здравје, пополека, јас сеуште премногу брзам…
Најмногу ме радуваат вашите коментари и вашите фотографии, ме радува што ги правите рецептите!
Вашите топли пораки, дека текстовите ви значат многу, покрај рецептите, исто така ме радува!
Бескрајно ви благодарам <3

Моите очекувања се надминати!

На секој рецепт, илјадници посетители, презадоволна!
Најголемата посета е преку Интернет што и беше моја цел, зашто моите пријатели на фб, најголем дел, не се заинтересирани за кулинарството.
Ги има и заинтересирани, кои ми ја даваат сесрдно својата поддршка со години, заради нив и издржувам кога е најмачно, како денес кога е пребавно…
Но има и такви кои не даваат јавна поддршка, нив не ги гледаме и слушаме јавно, но сите, сите се среќаваме овде, на блогот!
Зашто на блогот има нешта кои сакам да ви ги подарам, да живеат и во вас и да ги пренесувате на саканите….
Блогот нека биде место каде сме сите исти за миг, не се разликуваме многу, здушно се присеќаваме, татнат спомените, се разнежнуваме, се инспирираме и повторно, во сопствената креација, ќе се роди секој од нас, ќе се вивне нашата различност и посебност, нашата умешност!
И така секој ден…
Има мигови кога сите се спојуваме, едно стануваме, за да се издвоиме со елегантна креација во кујната или било каде и во било што друго.
Тоа е инспирацијата и креацијата, вивнете ја вашата драги мои!

Прекрасни мои посетители, знајни и незнајни, Ви благодарам од срце што навратувате овде!
Нека оваа место Ви биде топлина и светлина во Вашето сеќавање, врзно ткиво на минатото и иднината, обоено со Вашите сегашни мигови!
Може звучи нескромно, но Вашите пофални зборови за блогот и рецептите, се трудам да ги преточам овде, зашто и Вие сте дел од блогот сега <3

Честита да е годишнината на блогот и да се гледаме уште многу долго 🙂 <3

 

 

Честита годишнина

Честита годишнина

 

 

 

 

 

 

Честита годишнина

 

Честита годишнина

 

 

 

 

 

 

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар