Вчера, 25 мај, овде беше празник, Assention, по нашки Спасов ден, а оваа година се паднаа заедно, во ист ден.
И беше Ден на младоста! Празник кој буди многу сеќавања, преубави сеќавања!
Category: Meso
Скара на езерото
После дождливата и ладна пролет, конечно во неделата, огреа милно сонце.
Не ни требаше многу да се мислиме за скара, одамна го чекавме моментот.
Дилемата беше на тераса или на езеро? Набрзина решивме, набрзина се подготвивме и трк на езерото…
Јагнешка капама
Пролетта во кујната мириса на капами, полнети плешки, дроб сарми, полнети сплини, кукуречи 🙂 Многу ги сакам овие јадења, ме потсетуваат на детството, на едни среќни времиња…
Си ги правам и овде, освен кукуречот, нема такво нешто да се купи, порача, или уште не сум нашла, не знам.
Правам неколку варијанти на јагнешка капама, со ориз, со спанаќ, со компир, мешано…
Шкето
После прејадувањето од Велигденските гозби, потребна ни е чорба, нешто воденесто 🙂
Традиција во Струмица е да се јаде шкето во денот после празникот.
Велигденска трпеза
Честит Велигден!
Христос воскресе!
Јагнешки котлети со сливи
Ви ветив нешто уникатно со јагнешко, но не е ова. А сепак и ова јадење ми е во оние перфектни вкусови, за мене многу прифатливи, заради дојранско-струмичката кујна на која сум навикната.
Една варијанта за котлетите кои се преубави на скара, но може и вака, да не е само суво мевце…
Селско месо
За Велигден подготвуваме јагнешко и имам најубав рецепт, уникатен, секако, ќе го објавам деновиве 🙂
Е сега бидејќи уште е ладничко, еве ја мојата варијанта на една убава тава, така наречена “селско месо”.
Рецепти има многу, секој е убав, се надевам ќе ви се допадне и овој. Зошто се вика селско месо?
Претпоставувам дека е поврзано со селската кујна, најубава на свет, затоа што таму може сеуште да се готви на тивко, што е основен услов за убавината на овие јадења. Или е поврзано со колењето, па од разни животни се земаат парчиња и се прави тавата…Или ако останело нешто месо, па му се додава и друго и ете превкусна тава…
Continue reading “Селско месо”
Забелени ќофтенца
Нема да верувате, но во Струмица оваа преубаво јадење има можеби десет имиња!
Не ни можев да ги запаметам, но се чини секое маало има свое име!
Нашиот рецепт се разликува од другите краишта во Македонија по сосот кој се нарекува “ич” и најверојатно е дојрански рецепт, пренесен во Струмица во минатото, зашто дојранските јадења се забелуваат со јајце и лимон. Но таа кујна е веќе во изумирање, ете младите и не чуле за тој сос, што ја прави струмичката кујна уникатна во Македонија, права медитеранска и затоа гледам да ја сочувам од заборавот. Тој сос се користи за чорби, но и за сарма од лоза, тиквици, полнети пиперки и воопшто за сите долми-дулми.
Па веројатно од овде е и името кое се користи во мојата фамилија-глуу дулма, глува дулма, нешто како гола дулма 🙂
Овој пат оризот ми излезе и ќофтињата се направија како ежиња, баш декоративно, да сакав така да излезат, немаше да ми успее, сигурно. Пргав ориз некој 🙂
Прав пролетен ручек, лесен за правење, но и многу лесен за јадење, по кратко време сте гладни!
Сарма полиена со јајца и кисело млеко
Еве го другиот рецепт за сармата од штавељ или блитва, а првиот може да го видите овде.
Сега искрено и не го знам точниот рецепт, ниту побарав, си направив по мое, со јајца и кисело млеко.
Преубава испадна, прв пат правам вака.
Значи кога се пече сармата како на претходниот рецепт, при крај се матат јајца, зависи од тавата, се додава киселото млеко, се меша и се полива врз сармите. Се запекува до саканата боја.
(Е мене ми пркна, фркна малку, оти многу замоабетисана бев на фб 🙂 )
Ептен декоративна ми излезе, а за вкусна, се знае, превкусна!
Следната ќе биде само со кисело млеко!
Пријатно!
Сарма од штавељ или блитва
Во Швајцарија нема штавељ ни за лек, па најубава замена му е блитвата.
Но и таа е поинаква, огромна, листови како чадори…
Потешко се прави сармата од таквата блитва, ако е во врела вода, останува пластична, ако зоврие, отиде, ахаха… Затоа треба да се внимава.
Сармата од штавељ ја има неколку вида, а се прави и само посна, со ориз.
Значи со мелено месо и ориз, потоа полиена сарма, со јајца и кисело млеко и само со кисело млеко..
Дома кај нас се правеше секогаш со мелено месо и ориз, така и баба ми правеше. Ја сервираме со кисело млеко.
Но знам дека многу се прави и полиена со јајца или кисело млеко, па затоа ќе ви ги прикажам и овие рецепти.
Сармата со која растев ми е најубава на свет, симбол за пролетта, симбол за заедничкото готвење.
Слика 1
Мајка ми го пржи амурот, подготвува сé и пржи…
Слика 2
Татко ми ги остава крстозборките или некоја книга, влегува во кујна, зема столче и чека мајка ми да му принесе прибор, како хирургот што чека 🙂 Една тава со листови, друга тава за редење сарма, трета тава со амурот и мала чиниичка за правење сарма, зашто тој е мајсторот.
Слика 3
Мајка ми принесува и не мрда од кај масата, стои, пргава е, татко ми е хирургот, и само кажува што му треба, а она додава…Е кога е празник, оти сармата се прави еднаш неделно обавезно, тогаш се прави поголема тава и мајка ми си седнува, па двујчката си виткаат, мерак да ти е да ги гледаш!
Така некако ќе ги памтам секогаш и секогаш ќе им бидам благодарна што ми го дадоа тој модел 🙂
(Знам дека сум зборувала за тоа веќе…ама да си кажам пак…старост)
Често сармите и ние ги виткаме заедно, послатки се така, верувајте!
Заедничката енергија и љубов се вткајуваат и во храната 🙂