Бакина торта-мамина торта

 

Се сеќавате ли на Бакина торта? Имаше и друго име, мрсна торта, па црна торта. Веројатно имињата доаѓаат од многу стари времиња кога денешните торти не биле се уште во мода, туку токму ваквите суви торти најмногу се правеле дома.
Името бакина торта, секако не е бабина торта. Рецептот ми е од тетратката на мајка ми, пишуван во 50-тите години од минатиот век. Таа тетратка е полна со рецепти кои постоеле и порано, но тогаш имало курс за готвење во Струмица, само неколку жени го посетувале, се сеќава мајка ми и ете имаме едно богатство кое ми значи многу.

Моите две баби завршиле Радничка школа која во тоа време ги образувала жените  што биле поеманципирани и сакале да учат. Така многу рецепти и од нив двете се нашле во таа тетратка. Тогаш рецептите се пишувале поинаку, па многу од нив имаат само состојки и кратко објаснување. Се мати, се пече, се сече 🙂 Некои се подетално објаснети, но не како денес, чекор по чекор.
Името бакина торта, најверојатно дошло од baking prašok денес познат како прашок за пециво, а го викале бакин прашок, го затекнав и јас тоа време. Секогаш имаше по некој рецепт напишано на опаковката.
Како и да е, сигурна сум дека е правен и пред педесетите, мајка ми вели дека и баба ми Зонка го правела. Битно е што колачот е преубав и ќе се прави уште многу.
Мајка ми го правеше многу често, зборувам за 60 и 70-тите години на минатиот век, а и ден денес си го прави, еднаш неделно, им се погоди за со чајче, кафенце, посебно дека не е многу благ.
Го обожувам, нараснува преубаво,  како  пајажина е.

 

Состојки

  • 3 јајца
  • 1 чаша шеќер
  • 1/2 чаша зејтин
  • 1 чаша млеко
  • 2 чаши брашно
  • 1 прашок за пециво
  • 100 гр мелени ореви
  • 50-100гр сечени ореви
  • 2-3 лажици какао
  • 1 ванила
  • 1 кора од лимон
  • малку шеќер во прав за одозгора

 

Постапка

  1. Се матат јајцата со шеќерот. 
  2. Се додаваат состојките освен какаото, а оревите треба да се измешани со брашното за да не паднат на дното.
  3. Еден поголем дел од смесата се става во подмачкан плех, а во другиот дел се става какаото, се меша убаво и со лажица се разнесува во кругови низ првиот дел во тавата.
  4. Се пече на 200 степени околу 20 минути.
  5. Се сече и по желба се посипува со шеќер во прав, но и без шеќер е преубаво колаче.
    Верувам дека има многу варијанти на колачето, без ореви, со суво грозје…
    Го сакаме баш овакво, брзо и превкусно со шмек на минатото кога сé мирисаше на среќа 🙂
    Добар апетит!
Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар