Оригинална Васина торта

 

Кој растел со Васина торта, знае дека нема поубава!
Добро, потоа се појавија чоколадната и Загребачката, па сите други по ред, Реформ, Добош, Бомба…
Јас си останав верна на овие три класични торти и се разбира овошната класична.
Не дека не правам и од новите, но за мене торти се овие, со вистински фил, со шам, со бајаги работичка, а новите ми се брзински и од нога.
Ви ја ветив Васината за Велигден 🙂
Васината торта е изменета наполно денес, некои од младите и не ја знаат правата торта, па еве оригинално како треба да биде. Има неколку задолжителни работи за да биде Васина торта:

  • Tестото е со бадеми, не со ореви
  • Филот е со попарени ореви и сок од портокал
  • Еден ред тесто и фил, не по два реда
  • Одозгора се става шам, не шлаг
  • И врз шамот се реди зашеќерено овошје

И јас не сум ставала овошје, во она време и немавме такво, но за сето друго од секогаш така сум правела и верувајте, преубава е.

Знам дека сите ја прават со орев пандишпан, и така си е убава.
Знам дека има многу варијанти, сите се убави, торта си е торта, но оригиналниот рецепт е овој.

Ова е мој добронамерен совет, да се почитува рецептот, ако не, ставете друго име на тортата.
Се изнагледав разни торти наречени Васина и сите тврдат дека е оригинал, со какао врз шамот, со чоколадо одозгора, без шам…

Не е фер, треба да се почитуваат оригиналните рецепти и имињата нивни или додадете-моја варијанта, тогаш е поприфатливо.

Зад Васината торта има приказна, приказна за една љубов, тоа треба да се почитува, нели?
Еден Васа од Србија, многу ја сакал својата сопруга, била бремена, а бременоста била тешка, но тој не дозволил да рескираат, направил сé за да и го спаси животот, а и животот на нивното бебенце. Баба му, од огромна благодарност што и го спасил животот на ќерка и, му направила преубава торта и така тортата останала по неговото име, Васина торта.

Во прилог, поточно во галеријата ви го ставам на увид оригиналниот рецепт од Големиот Народниот кувар, 1965 година, Белград.

Не знам кога за прв пат е објавена, мојата верзија секогаш била оваа.
Мајка ми знаеше да направи и на два реда кога доаѓаа повеќе гости, а секогаш со ореви…
Некако и емотивно сум врзана за тортата, тоа е првата торта која ја паметам од детството…
А Куварот преживеа многу, баш многу, гледам и кречење 🙂

 

 

Состојки

  • 5 јајца за пандишпанот
  • 5 лажици шеќер
  • 1-2 лажици брашно
  • 6 лажици мелени бадеми
  • 1 кора од лимон
  • 125 мл млеко за филот
  • 300 гр мелени ореви
  • 4 лажици шеќер
  • 4-5 редови чоколадо за готвење
  • 5 жолчки
  • 5 лажици шеќер во прав
  • 1 лажица какао
  • 150 гр путер
  • 1 ванила
  • 1 портокал

Шам

  • 5 белки
  • 10 лажици шеќер
  • 100гр зашеќерено овошје

 

Постапка

  1. Најпрво попарете ги бадемите и извадете им ја лушпата, па подсушете ги во рерна, сомелете ги, помешајте ги со брашното и рендана кора од лимон.
  2. Изматете ги јајцата со шеќерот убаво и додадете ги бадемите со брашното, но мешајте со лажица внимателно.
  3. Тестото се пече брзо, не треба да се исуши многу, ова е доза за плех бр.28. Може да му капнете некој сок, доколку сакате да не ви биде суво, иако ако филот и шамот се погодени, тестото си ја има потребната влажност.
  4. Изматете го путерот со ванилата, а во друг сад изматете ги жолчките со шеќерот и додајте го какаото.
  5. Откако сé ви е подготвено, зовријте го млекото со шеќерот, попарете ги оревите кои ви се во еден голем сад, веднаш додадете го чоколадото да си се истопи, измешајте.
  6. Штом се подизлади малку, додајте ги жолчките, путерот и мешајте. Ако сакате помазен фил мешајте го со миксер, но не мора.
  7. На крај, рендана кора од портокал и сокот, повторно помешајте, нека не ве плаши течноста, ќе се впие.
  8. Останува шамот, кој исто по желба може со шербет, а може и само со матење на белки и шеќерот.
  9. Одозгора се реди зашеќерено овошје.

Имам направено минимални измени, заради поинакви состојки овде, на пример оревите ги зголемив зашто како да се стопуваат…Ставам и какао за да биде потемен филот, со чоколадото не ми е доволно…

Уживајте во единствениот вкус на оваа преубава торта!

 

 

Напишете коментар