Баница со јаболка

Уште првата година на страницата објавив рецепт баница со јаболка, а сега овој е, ако биде, да биде работава. Слично е, но сепак поинаку од класичната баница.

За ваква баница потребни се исто така кисели јаболка, во Швајцарија се викаат boskoop (према градот во Холандија што прв ги проиизвел). Кај нас не мора таа сорта, имаме кисели јаболка…

Ја правев за колегите од курсот по француски, за сите нив беше ново нешто, освен за Тина од Атина, таа рече прави слична 🙂 Бидејќи однесов повеќе, ја послужив и другата група со друга наставничка, е таа веднаш препозна, штрудел, штрудел, е па да, штрудла ќе да е, ама ние си ја викаме баница 🙂

Состојки

  • кори
  • 5-6 кисели јаболка
  • лимон
  • 3 шаки толчени ореви
  • 1 шака гриз
  • ванилин шеќер
  • канела
  • махлеп
  • кисела вода
  • растопен путер или маргарин

Шербет

  • шеќер
  • вода да се залие шеќерот

Постапка

  1. Јаболката се рендаат во длабок сад, се става сок од лимон.
  2. Се додава ванила, канела, гризот, оревите, махлеп малку.
  3. Сега зависи од корите, моите се подебелки, па една по една мотам, се става фил насекаде, се витка, се набрчува малку и се става на средина во намастено тавче.
  4. Потоа останатите кори на ист начин. Јас имам само 6 кори во паковање, па мора две паковања, и затоа немам прецизни мерки.
  5. Се полива со растопен путер и се пече 20-25 минути на 220.
  6. Кога ќе се излади, се вари шербетот и се полива.

Баницата со овие кори е сон, како домашна сукана е. Вкусот е одличен, старински шмек, а махлепот и не е обавезен, канелата си го прави своето.

Мојот основен рецепт е без шербет, но ајде да промениме малку.

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар