Во моето детство, милибродот беше задолжителен за Велигден, а гледам и сега е, и мило ми е…
Тоа е наша традиција, толку богата…Рецепти има многу, во некои краеви се вели козинак, а кај нас милиброд и чурек…
Мајка ми секогаш милибродот го правеше и сеуште си прави, со мармалад, па еден ролат со мармалад од сливи, еден со мармалад од смокви, трет само со ореви, локум, убавина…
Најмногу ги сакам со ореви и локум.
Кај нас е традиција милибродот и чурекот да се јаде со јајце, ете тој благо-солен вкус, преубаво.
Сега ланскиот милиброд и чурек, па ќе следуваат и други…
Состојки
- 1 кг брашно
- 1 квасец со шеќерче
- 300 мл млеко
- 300 мл вода
- 200 гр шеќер
- 100 мл зејтин
- 1-2 јајца
- 100 гр маргарин или путер
- 2 ванили
- кора од лимон
За одозгора - 1-2 жолчки со малку млеко
Постапка
- Квасецот стасува со шеќерче и брашно малку во млака вода.
- Се просејува брашното во сад за месење.
- Се додаваат состојките, освен маргаринот и се меси меко тесто.
- Маргаринот се топи и оладува, па се додава на крај од месењето.
- Се остава да стаса околу 1,5 час, покриено.
- Стасаното тесто се дели по желба, јас направив милиброд плетенка и 2 помали чуреци.
- Секој дел се дели на 3 дела, се формираат долги парчиња и се плетат плетенки за секој дел.
- Во плетенките може да додадете по желба ореви, суво грозје, локум, суво овошје…
- На средина на чуреците може да ставите топче од фолија, за да остане место за јајцето.
- Се ставаат во намастени калапи и повторно стасуваат околу 30 минути.
- Се премачкуваат со помешани жолчка и млеко.
- Се печат на 180 степени околу 35-40 минути.
Меки како памук, со конци, се побудалевме за конците веќе 🙂
Милибродот испробан од многумина, сите презадоволни 🙂
Пријатно!