Виени гурабии, две варијанти

Виени гурабии
Виени гурабии

 

Старинските колачиња од тетратката на мајка ми 🙂 , еден од нејзините специјалитети.
Минатата година ги беше направила за Велигден, па ми ги покажа на Скајп.
Ми се разнежни срцето…
Заради сите спомени, минатата година ги правев за Велигден и јас, посветено на баба ми Зонка, (зашто овој рецепт всушност е од неа), а таа правела гурбии за цела горна, Варош маала, била многу мерфетлика и баш уживала да прави за другите. Интересно, но тогаш тоа не се наплаќало како кетерингот денес, се правело од љубов, од аир, за аир, за среќа.
Морав да замрзнувам лани, се собраа многу колачиња, а после кога ги одмрзнав беа преубави.  Денес случајно најдов уште едно пакетче, чудо како останало, па ми се најдоа за нови фотографии.
И за уште поголемо чудо, зашто никогаш не чувам толку долго ништо, и после цела година, исти си се, само кај да ги скријам, инаку оврт-заврт, си се дружиме 🙂

 

Состојки

  • 1 кг брашно
  • 2 чаши зејтин(чаша од 250-300 мл)
  • 1 чаша пиво
  • 3 шаки шеќер
  • 1 прашок за пециво
  • 1 ванилин шеќер
  • 1 кора од лимон
  • јатки ореви
  • цимет
  • шеќер во прав за посипување

Шербет

  • неколку лажици шеќер (5-7 лажици)
  • вода колку да се залие шеќерот, за поводен, повеќе вода, (најмногу до два филџани)
  • кристал шеќер за посипување

Постапка

  1. Сите состојки, сé до кората од лимонот, се замесуваат.
  2. Се откинува мало топче, се сплеснува на дланката, на средина се става јатка орев и цимет.
  3. Се затвара и се витка меѓу рацете малку, се остава на плех со хартија и се прави како месечинка.
    Така се изработуваат сите.
  4. Се печат на 180 степени 20- 30 минути најмногу, не смеат да се испечат однадвор многу.
  5. Кога ќе се подизладат, се посипуваат со шеќер во прав.
  6. Е сега веднаш другата варијанта, со шербет.
    Водата и шеќерот зовриваат, после 8-10 минути, оладените гурабии се ставаат кратко во шербетот и се посипуваат со кристал шеќер.

Можете да си направите по половина доза од двата рецепти, зашто само крајот е различен.
Шеќер може и помалку да ставите, но тие колачиња се такви, благички бајаги.
Инаку, најстариот рецепт е со пепелова вода, но овде немам такви услови, ниту сум правела.

Пријатно со неповторливиот вкус на старинските колачи, виини гурбии-виени гурабии 🙂

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар