Ова слатко е и од кората на портокали, но и од помали и поголеми парчиња од портокали, а ставив и еден лимон. Количина сами си одредувате, ги мерите портокалите пред варење, кога ќе ги подготвите во парчиња, фигури и полжавчиња. Најубаво е портокалите да имаат дебела кора.
Е сега цела година имаме портокали, кога со дебела кора, кога со тенка, ниту сезона се знае, ниту вкусот е ист како оној кој го носиме во нашите сеќавања…
Сепак нека има малку, токму како се правело порано, од сé помалку.
Состојки
- 1 кг. кори и парчиња портокали
- 1 кг. шеќер
- 2 лимони
- 2 ванили
- 500 мл. вода
Постапка
- Најпрво ги правев полжавчињата и разни фигурички од корите, добро измиени, количина по желба. Полжавчињата се долгнавести парчиња кора, свиткани во кругче и сошиени со конец, па нанижани заедно во круг.
- Ставете ги во ладна вода подготвените полжави и фигури, по некоја фигура и од лимон и после неколку минути вриење, сменете ја водата.
- Направете го тоа многу пати, јас скоро десет пати ја сменив водата која зовриваше кратко, до 3 минути…
- Додека тече таа постапка, ги подготвувате другите помали и поголеми парчиња, а најпрво изрендајте ја кората на портокалите многу внимателно, па сечете по желба разни парчиња, подгответе и парчиња од лимонот.
- Сега ставете го шеќерот и водата да зовријат за шербетот.
- Ставете ги прво парчињата да повријат со малку сок од лимон…
- По некое време, додадете ги полжавите и фигурите од кората, тие се веќе сварени.
Не заборавајте да го извадите конецот. - Слаткото е готово кога ќе стане прозрачно и кога шербетот ќе биде по желба густ.
- Јас не го сакам многу густ, но тоа се вкусови.
- Додадете ги ванилите на крај и оставете го покриено со влажна кујнска крпа да се олади, па потоа ставете го во стерилни тегли.
Уживајте во едно од најубавите слатка!