Татлии-татлија

 

Штом дојде пролетта во Струмица, се прави татлии со пресно сирење.
Се прави за Прочка, за Велигден, но и во обични денови.
Многу брзо се прави, ама сепак треба да ти се погоди, како велиме и на изглед, и на вкус и на шербет.

Инаку кај нас Струмичани, множината се користи да се изрази еднина, па така татлија тава е татлии. И едно парче е татлии. Токму тоа е една од главните одлики на струмичкиот дијалект, сигурно сум кажала веќе. Мислам дека се вели и татлииј, тоа ј едвај се слуша.
Но заради природните миграциските процеси, веќе овој говор е во изумирање.
Затоа од време на време го користам и на блогот, тоа е мојот јазик кој го употребувам и денеска, јазикот на кој сеуште си мислам 🙂

Татлиита често се меша со равании. Но разликата е огромна, раваниита не е со пресно сирење, а може да и се додаде ореви, бадеми…
Татлијата е без додатоци и се прави со пресно сирење.

Секако во Струмица опстојуваат повеќе рецепти во зависност од потеклото на оној што ја прави.

 

Состојки

  • 4 јајца
  • 1 филџан шеќер
  • 600 гр пресно сирење
  • 1 филџан зејтин
  • 1 филџан гриз
  • 2 филџани брашно
  • 1 прашок за пециво

За шербет

  • 1 ванила
  • 1 лимон
  • 1 кг шеќер и вода да го покрие шеќерот, за шербет

Постапка

  1. Се матат јајцата со шеќерот, но уште поубава е одвоено белки од жолчки.
  2. Се додаваат состојките и се меша убаво да се соединат.
  3. Се става во премачкан плех со маснотија бр.30 и убаво се распостила.
  4. Се пече подолго време на 200, зависи од рерната, но треба да добие темна боја одозгора.
  5. Се сече по желба кога ќе се подизлади.
  6. Се подготвува шербетот према вкус, се додава ванила и крукчиња лимон и се полива, врел шербет на подоладена татлии.
  7. Полиена се враќа кратко во рерна, околу 10 мин.

Татлијата треба да биде темна одоздола и одозгора и жолта- килибар во средина, тогаш е погодена, по старинскиот рецепт.

Овој пат е повисока зашто плехот е 28 број, па затоа нагласувам користете број 30, не треба да е многу висока, но преубава беше и вака.

Вкусот со пресно или младо, несолено сирење е неповторлив! Колку подолго стои, поубава е, може во фрижидер да ја чувате, покриена со транспарентна фолија.

За моите следбеници во Швајцарија, овде користам fromage frais nature-Migros. Многу е различно на изглед од младото сирење кај нас, ова како крем е, но вкусот ми е најубав од сите што сум ги пробала.

П.С. И ете изумив да речам дека порано кога млекото ќе се “расипело”, од тоа се правело татлија. Зашто тоа е само трансформација на млекото, а нашите баби и мајки веднаш му нашле како да го искористат. Благодарам Јована Тренчевска на потсетувањето!

Пријатно!

 

 

Напишете коментар