Ивин колач со вишњи

Често знам да речам, некои рецепти не стасувам да ги објавам зашто си правам разни варијанти и ете така ќе остане необјавен тој, а варијантите секако имаат предност и поголем предизвик ми се 🙂

Колачот со вишњи во 80-тите и 90 -тите го вртевме редовно, еднаш неделно барем, многу беше актуелен.
Ива го обожуваше, додавав и оревчиња, вкус и изглед, незаборавни, посебно ако сакате вишњи како ние. Никако не ми оди со цреши, пресладок излегува, вишња си е вишња.

Е сега во Швајцарија вишњи нема, дури ни смрзнати…Еднаш се израдував, оно цреши да ти биле.

Сакам друго нешто да речам…Тогаш, не знам што веќе не правевме за да имаме ровко тесто, те посебно белки од жолчки матевме, те триста цаки вртевме за пандишпанот да биде убав…
И миксиравме до бесвест, само и само да може 8 да се испише на смесата 🙂
Да си се пофалам, не го утнав никогаш, мајстор за осмицата сум 🙂 Ех, мотивација најголема е кога детето ти едвам чека да касне, и ти се радуваш, се радуваш…
И така неделните утра поминуваа со миксерот и радоста кога цела домичка ќе замириса на колачот, радоста дека некому ќе подариш радост 🙂
Ќе му дојде редот и на главниот рецепт од тогаш, а сега мало слатко изненадување.

Нема никакво миксирање, нема делење на јајцата (не ми било проблем никогаш, ама ако може да се упрости, добро е, никогаш доволно време се нема), нема ништо, само забркаш и изаџе куварица, работава 🙂
Едноставно, маталото на мама, тетратката на мама, мали измени и готово за минутка!

 

Состојки

  • 4 јајца
  • 2 шољи шеќер
  • 3 лажици зејтин
  • 1 шољи газирана вода
  • 4 шољи брашно
  • 1 прашок за пециво
  • 1 ванилин шеќер
  • махлеп (не мора)
  • 250 гр вишњи
  • шеќер во прав

 

Постапка

  1. Јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер, се разматуваат со матало.
  2. Се додаваат сите состојки, се меша, се сипа во намрсен и побрашнет плех, а одозгора се редат вишњите. Се притиснуваат малку со лажица.
  3. Се пече на 200 додека не се одлепат страните, околу 35-40 минути.
  4. Кога ќе се олади малку, се посипува со шеќер во прав.

Оваа серија мамини колачи, го користи маталото или жицата, старинскиот начин на подготвување. Нема потреба од долго матење, колачите се прекрасни и без тоа. Има разлика, секако, на ваков начин го имаат старинскиот вкус. Пријатно!

 

 

 

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар