Слатко од капинки

Еве ме мене пак со слатко, ви реков дека минатата недела бев вредна многу, правев одеднаш повеќе работи, џем, слатко, сок…
И еве го слаткото од капинки, омиленото слатко 🙂

Посебно кога капинките ќе останат цели, децата го сакаат многу, а Ива со радост го гледаше 🙂 Е гледаше, ама не и јадеше, на почеток 🙁

Ива долго време не сакаше ни да проба палачинки, исто така, а зошто, е нема одговор!
“Традиционално”, во поширокото семејство имаме членови кои не јадат ова, она, сум раскажувала 🙂
Ама не ни пробуваат, тоа да видиш, кој џимрии, кој нејастелит, на кој му мириса сирењето, млекото…
“И горници ќе прејадете, ако нема што”, секогаш велеше татко ми кога бев и јас мала, и нејастелита, па и Ива беше така, ама и тој самиот бил џимрии!
А дали бил џимрии кога на студии јаделе сув леб натопен во вода? Ех времиња, кога раскажува татко ми за тоа време, се прашувам колку ли биле храбри, надежни!??
И така, секој си има кај нас “антитоп мени”, никако не смееш да им дадеш храна која не ја јадат, никако 🙂 🙁
Разгалени ли сме, не, не е до тоа, инаку ние секој на секој си велиме: “ех, лигавеже”, демек ние исправни, и така нема љутиш!
Ех да ме окуражеше некој кога Ива уште како бебе покажуваше интерес за прсссс со полно усте, па ко ќе ја шутнеше кашичката ако не и е по воља, мајко мила, а за она прссссс на сите страни, та и чаршави редев еден период 🙂
Боже што приказни сум и раскажала, па сум заборавила што сум рекла, па ќе ме исправа, невидена меморија имаше, а јас со лажичката во рака, верглам и само гледам да го изеде кашичето, што рака на срце, никогаш, ни мене не ми се допаѓале…И купечки, и домашни!
Беше тоа време во втора половина на 80 -тите, кафе и прашок, а и пелени, под тезга…
Беше време кога се чудевме како тоа секнаа многу работи, стандардот падна, но не ни знаевме што допрва ни се спрема, онака самостојно…
Купувавме од Грција, chicco беше модерно…
Нејсе, не ги имитирала Ива, никако, едноставно сите имаме по некој уј, табиет, како велиме 🙂 Може зашто сите сме всушност гурмани на свој начин? Којзнае…

Така почнавме од раѓањето на Ива, а на нејзината реакција, нормално, паѓање во очај, не ми јаде детето! Не ми јаде детето!
Еден ден отидов кај комшиите да поплачам што не ми јаде ништо детето, кога мудриот чичко, ме праша: “А од шо и са тии образе и раце ако не јаде”? (Акцентот малешевски, убавина, образé, рацé, јадé, чисто да ви доловам :))
И така, јас си го гледам срценцето мое со обравчиња кои пукаат и крофни рачиња (фамилијарно оптеретување), па некако си се утешив, до следниот оброк 🙂

Кога потпорасна, ги собирав децата од маалото заедно да јадат, да се подлаже моето, ама неее! Ни тоа не помагаше…Срам ми е да кажам колку солзи имам пролеано…
И дојде ден кога прејаде и палачинки и пица, и многу други поважни работи од зеленчук и овошје, зашто леб, месо и благо, и не и треба друго, ала мајка ми.
Ама сирење, “традиционално”, исто како мајка ми, исто како баба ми од страна на татко ми, никако!

Палачинките со капинки слатко, дојдоа на ред, еден ден, сепак…

Млади мајки, не се потресувајте ако детето не ви јаде, бидете си поспокојни! Кога ќе му се пријаде, ќе си ручка 🙂 Тоа што му бара организмот, ќе си земе!
Јас грешев, се секирав многу и инсистирав сé да се јаде, молев, ех да, што ако сум психолог, што ако знам како треба…
На своето дете, погледот е поинаков, секогаш 🙂

Утеха ми беше лекарката која беше објавила книга за храна на бебиња, која изјави: “Ако видат луѓето како го хранам моето дете, ќе ми ја запалат книгата”!
Е па воила!

И да кажам дека ова ми е најмаркантното слатко, онака црно, а сепак преслечено во преубава, магична боја…Секогаш ми било фаворит <3

 

Состојки

  • 1 кг капинки
  • 400 гр шеќер или по желба

Подготовка

  1. Овошје како капини се мие многу внимателно, јас користам вангличка како голема цедалка, ги потопувам во вода, ја менувам и ги цедам.
  2. Во тенџерето каде ќе се вари слаткото, пошироко тенџере, ставете ред капини, ред шеќер и завршете со шеќер. Оставете ги така цела вечер, ќе си пуштат сок.
  3. Утредента, ставете ги да се варат на среден оган, треба да се згусне, но гледајте капинките да не се распаднат. Не го мешајте!
  4. Се собира пената и кога е готово, се покрива со влажна кујнска крпа.
  5. На крај на денот, соберете го слаткото во стерилни теглички.

Пријатно!

 

Напишете коментар