Снежни колачиња

После една долга пауза, еве ме повторно. Беше и би селидба 🙂 Срцето на место, живи здрави, ќе раскажуваме долго, долго…

Но не е време сега за раскажување, сега е време посветено на Божик. А кај нас два Божика се, нели, па продолжуваме да си ги славиме…
Време за пишување рецепти, сеуште не наоѓам, но барем нешто мора да објавам. Мора 🙂

За првиот Божик годинава, ги направив и овие суви колачиња, нели во мода се веќе некое време, а одлично ни се вклопуваат во менито. Видов многу рецепти, ја направив оваа моја комбинација, а колачите се навистина превкусни, со одлична арома.

Состојки

  • 2 јајца
  • 120 гр кафеав шеќер
  • 2 ванили
  • 1 лажица горко какао
  • 2 лажици рум
  • 1 лажица сок од лимон
  • 200 гр. чоколадо за готвење
  • 80 гр путер
  • 100 гр мелени бадеми
  • 1 лажиче ѓумбир во прав
  • 1 лажиче махлеп
  • 200 гр брашно
  • прстофат сол
  • 1 неполно лажиче сода бикарбона
  • шеќер во прав

Постапка

  1. Во еден сад се матат јајцата со вилушка и во нив најпрво се додава шеќерот, ванилите, ѓумбирот, махлепот, сокот од лимон и румот.
  2. Чоколадото и путерот се топат и се размешуваат во јајцата, се става какаото и мелените бадеми, се размешува.
  3. Брашното со сол и содата се додаваат постепено, со мешање.
  4. Потоа се затвара садот и се остава во фрижидер преку ноќ.
  5. Утредента се прават топчиња колку орев, се увалуваат во повеќе шеќер во прав и се редат во плех, на хартија за печење, оддалечени. Ми се наполнија два плеха од шпоретот.
  6. Се печат на 180 степени, само 15 минути.
  7. Може да се чуваат во кутија како суви колачи.

Изгледот на колачите е баш “снежен”, личат на преубави снегулки. Ароматични, вкусни…
Јас морав да ги транспортирам во кутија, стасаа без проблем.
А кога ќе се отвори кутијата, магијата на аромите почнува и трае, трае…


 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар