Деновиве сум пресреќна од вашиот интерес и посетата на блогот!
Велигденската трпеза предизвика голем интерес, со денови одговарам на вашите преубави зборови и пофалби. Вашата поддршка, драги мои ми значи многу, вашиот огромен интерес ме радува многу, ви благодарам од срце!
Добивам понуди за ТВ гостувања, но ете, далеку сум многу, многу 🙁
Кога заминував од Македонија гостував во ТВ емисии како психолог , а сега се опробав во кулинарството и ете добивам покани како кулинар.
Ма баш се радувам, што да кријам, мојот труд е забележан, моите рецепти препознаени како врвни, вкусни, уникатни! А јас, замисли, забележана речиси како професионалец, иако не сум тоа во кулинарството 🙂
Животот има и убави изненадувања за нас, навистина 🙂
Желбата ми беше да ги сочувам рецептите од заборав, да оставам посвета на мојата Ива, но сега се поминати границите на моите очекувања!
Уште еднаш, благодарам, добри луѓе, мои луѓе, знајни и незнајни <3
Се расприкажав…
И само уште ова…
За уживање во храната не треба таа да е скапа храна…
Треба да е здрава, тоа е важно, а вие, вие можете да ја направите магична, со вашата љубов, баш како овие толку едноставни машнички, а немам зборови колку се навистина магични!
Состојки
- 500 гр готови кори
- печени црвени пиперки
- сирење
- јајце
- кисело млеко
- кисела вода
- прашок за пециво
- зејтин
- малку афионово семе
Постапка
- Најпрво подгответе го сирењето и печените пиперки, (имам замрзнати, време е да се празни замрзувачот). Изгмечете го сирењето и помешајте со исецкани пиперки.
- Во друг сад ставете изматено јајце, кисело млеко, кисела вода, прашок за пециво, зејтинче. Дози немам, од око, треба да биде толку течен фил за да може да ги премачкате корите.
- И сега отворете ги корите, земајте по две ако се многу тенки. Исечете ги на 4 делови, но во средина да остане делче за врзување.
- Премачкајте ги со течниот фил.
- На секој дел, ставајте на две места фил, како на сликата, дијагонално, така да во средина е празно.
- Сега затворете ги страните, преклопете ги во средина каде нема фил.
- Стиснете ги другите две страни како на сликата. Првртете ја машничката.
- Сега ставете парче на средина, подвиткајте го. Со готови кори е потешко ова.
- Накапете од течниот фил врз машничките пред печење и посипете афион на средина.
- Печете на 200 кратко и внимателно, да не изгорат, нежни се многу.
Најважно е корите да не ви се сушат, треба брзо да се работи. А останатите ги покривам со влажна кујнска крпа, зашто такви се корите, веднаш се сушат и кршат.
Машничките се преубавки и многу вкусни. Корите беа многу тенки, па машничките се чинат розевки од пиперката…Крцкави, мирисни!
Ах, пиперките печени, јајце и сиренце, како не би биле магични!
И не заборавајте! Кога се работи со душа, мора да се случи арт, арт на вкус, пред сé 🙂
П.С. Мојата Ива не јадеше сирење, освен пржено, но знам дека би ги обожавала, онака крцкави, држејќи машничка во рака, со малото прсте дигнато, иста мајка ми <3