Не знам дали некој друг приготвува толку многу модри патлиџани и тиквици како мене.
Ги имаме цела година, вкусни се и веќе не ми се сезонска храна. Обавезно на неколку денови печам цели плехови и ги комбинирам на разни начини, за салати или оброци.
Интересно ми е како овде се готват патлиџаните и тиквиците, ги сечат на коцки и ги обаруваат, солче и толку, така ги сервираат на многу настани…Кога прв пат видов тоа, го прашав маж ми како ги готват поинаку, а тој вели, никако! Вели воопшто немаат традиција во семејството за таква храна.
И така, да му надокнадам, редовно ни се на трпезата 🙂 Како живеат без оваа убавина, не знам, но ете се покажува од каде е вкусот на храната, се знае од кои земји 🙂
Од друга страна, имаат преубави книги со преубави рецепти, слични на нашите кои никој не ги погледнува, не се интересираат, ма какво готвење, тоа е губење време за многумина Швајцарци… Чест на исклучоци 🙂
Мислам дека старата швајцарска кујна е многу слична на нашата, ама негде попат се загубила, за жал…
Papet vaudois, raclette, fondue au fromage, saucise à rotir, rösti, saucisson, c’est tout pour maintenant! Големи практичари, на маса се готви, заедно со семејството, е за тоа браво, браво!
Швајцарец не чека од жената јадење, или го прави, или помага, или заедно сé се прави на лице место, на маса 🙂 Ем муабетче цело семејство, ем никој не е уморен од готвење, ем корисно, ем забавно, убавина 🙂
Ајде да се вратам на модриот патлиџан, лани во 10 месец сум ги правела, преубави беа…
Состојки
- модар патлиџан
- палента и малку брашно
- магданос
- сол, сушен зачин, црн пипер
- крем сирење
- маслиново масло
Постапка
- Патлиџаните се сечат на кришки, се солат и се чека да им се пушти лутата вода.
- Се мијат, се сушат, се премачкуваат маслиново и се увалкуваат во палента со магданос и пиперчиња, но не ми е запишано за нив, веројатно останале од тиквиците.
- Ако не се лепи палентата, напрскајте малку водичка.
- Се печат најгоре на решетката, на хартија во плех, на 250 степени. Не треба да се исушат многу, а сепак треба да станат крцкави.
- За сервирање се става крем сирење, може оревчиња, лукче…Ставете си и зачини по желба.
Одлични се како мезе, предјадење, гарнир, а за мене и оброк, некое сосче плус и готово 🙂
Пријатно!