Моето пикантно тавче гравче

Имам неколку варијанти на тавче гравче, но се однесуваат на додавање на состојки, а начинот на подготовка е речиси ист или сличен.
Оваа варијанта ми е класика 🙂

Од 2012 год. немав направено нови фотографии, тогаш немав и суви пиперки, та дури сега дојде времето за нашето тавче гравче.

Се чини едноставно, и е, само да се има малку трпение.

За убаво тавче гравче, треба бавно готвење, како и за варениот грав, всушност како и за многу наши јадења, сите си го бараат своето време. Е сега сé потешко се има време за готвење, но тоа е тоа, прилагодување и готвење на таквите јадења кога се има повеќе време…

Треба да сме горди на тавче гравчето, толку уникатно е, толку вкусно, а најубавиот дел од приказната ми е колку странците го сакаат, посебно кога е со лути пиперки.

За да направите тавче гравче, ви треба сварено гравче. Може да го сварите по ваш или по овој рецепт.

Состојки

  • сварен грав
  • суви пиперки
  • 1 главица кромид
  • 2-3 чешниња лук
  • зејтин
  • црвен пипер и буковец

Постапка

  1. Кога гравот е при крај, ако сакате да правите тавче гравче, треба да одвоите зрна, без водата и да ги ставите во тава или мали тавчиња за печење.
  2. Потоа додадете од водениот дел од гравот, полијте ги зрната малку.
  3. Испржете кромид и лук и залијте ја тавата со нив. Ставете суви пиперки и притиснете ги во течноста, да не изгорат веднаш.
  4. Во тиганот што пржевте, додадете зејтин, нека се угори, тргнете го тавчето на страна и додадете црвен пипер и буковец, мешајте да не поцрнат. Прелијте ги врз гравот и ставете ја тавата на печење, прво на 220, потоа на 180 степени.
  5. Кога ќе почне да врие густо, готово е. Ќе се направи убава коричка…

Не треба да биде исушено, но ни водено, треба да е таман искрчкано.

Ако немате доволно од течноста од варениот грав, помешајте ја со малку вода.
Многумина додаваат нане за полесно варење на гравот.
Овде запршката со црвен пипер е неопходна, а некои ставаат и брашно, но јас само со црвен пипер и буковец го џшнувам и преубаво е!
Кој си јаде луто, и пиперките и буковецот треба да се лутки!
Пријатно!

          

 

Напишете коментар