Шакшука? Не! И оти не е наше, ќе го правиме, ќе се пофалиме…
Малку критика не е на одмет, нели?
Не, ова не е израелската Шакшука, а преубава е сигурна сум, туку си е наш оригинален доматен чалбур, еден од многуте…Чалбур со френки 🙂
Е драги мои, не треба туѓото да ни е послатко секогаш, туку нашето прво, ами како 🙂
Не велам дека не треба да пробаме разни други јадења, напротив…
Напротив, убаво е да ги почитуваме сите, сите кујни и да уживаме и во нив, кога можеме или сакаме…
Но, да не бегаме и да не се срамиме од НАШЕТО, тоа е зборот! Оти се случува, за жал…
Состав
- неколку зрели домати
- малку концентрат домати (агда)
- млад кромид
- сирење
- јајца
- лажиче шеќер, сол, сушен зеленчук, црвен пипер, црн бибер, магданос…
Постапка
- Испржете го внимателно кромитчето.
- Додадете излупени, изрендани или исечкани домати и малку концентрат. Додадете шеќерче.
- Нека се варат, може и малку вода да додадете.
- Кога веќе се при крај, се додаваат зачините, се спушта сирењето и јајцата.
- Зависи колку сакате да се сварат, јас ги правам поводени…
- Последни зачини, црн бибер и магданос.
- Кој сака, може запршка врз јајцата, овој пат не ставив…
Додавам концентрат зашто така покривам разни домати кои можеби немаат доволно сок, какви вообичаено има овде..Сонуваме за македонските 🙂
Повторно нагласувам дека варените домати за во лето ни се неопходни, посебно во врели средини како Струмица, па не случајно имаме толку многу рецепти со домати. Умните наши стари 🙂
Пријатно!
Овој доматен чалбур има варијанти, може да се додаваат и други работи, ќе следуваат рецепти…
П.С. На некој многу му се јадело, како сум ја наполнила чинијата, нели така се вели…
Кога се сервира чалбур, треба да се внимава на садот, зашто јајцата може да завземат простор
ако се поводени…Не ми бил најсреќно одбран тањирот, беше претопло, брзав, а како да беше споро, цвеќињата ми се попарија од жешкото, ех, лето…