Чорбата од јагнешка глава бара малку повеќе време на подготовка, ама затоа ми е една од омилените. Баш со ориз, така мајка ми ја прави, а така и баба ми ја праваше. Со лимон и јајце забелена, ништо посвежо во пролетта.
Не знам, но дали дека сум го вдишила воздухот за прв пат во пролет, или е друго во прашање, стварно не знам, но сите пролетни јадења ми се така длабоко врежани што аромата ја чувствувам пресилно секогаш, најомилени ми се 🙂
Чорбата од јагнешката глава е едно од тие јадења, а ние си го имаме како целосен оброк, не само како чорба пред главното јадење…
Состојки
- јагнешка глава
- 1-2 моркови
- сол, црн бибер, сушен зачин
- 1 јајце
- сок од лимон
- (кисело млеко пишувам зашто овој пат ставив, инаку нема во нашиот рецепт)
- магданос
Постапка
- Јагнешката глава ја ставам во ладна вода која често ја менувам и најдобро е неколку часа да се прави тоа.
- Потоа ја ставам во млеко цела вечер да одстои или барен 2 часа, ако брзате.
- Се вари околу 1 час.
- Кога е готова, водата треба да се процеди, а главата да се исчисти.
- Се вадат сите делови, јазикот се лупи и сецка, мозокот исто се сече, мевцето се кине…
Да си кажам дека очите не можам да ги користам, купувам без нив или ги фрлам. - И сега сето иситнето се враќа во водата, се рендаат морковите на крупно, се става една шака ориз и треба да довари колку оризот да е готов, при крај се додаваат зачините.
- Кога чорбата е готова, се мати јајцето со малку ладна вода и лимон, се зема од чорбата и се става помалку со постојано мешање. Потоа истото се прави обратно, се истура пополека јајцето во чорбата со постојано мешање.
- (На крај кисело млеко) и магданос.
По струмичкиот рецепт не се става кисело млеко, но овој пат така пробав, инаку во оваа чорба не ставам. Секако е убава 🙂
Пријатно!